138/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 ноември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на станбените единици “Карпош 3 и 4” донесена од Собранието на град Скопје на 28 април 1995 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.3/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр. 138/96 од 25 септември 1996 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека планот во фазата на нацрт-план бил изложен на јавна расправа од 26 март 1993 година во просториите на Општина “Карпош” и Месната заедница “Карпош 4″. За одржувањето на расправата и за излагањето на планот граѓаните биле известени преку плакати залепени на становите и јавните места. Исто така, била одржана усна расправа на 21 април 1993 година во присуство на претставници на подрачната единица “Карпош” при Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, Градскиот комитет за урбанизам, комунално станбени работи, сообраќај и екологија и Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје. Понатаму, Судот утврди дека во нацрт-планот кој бил изложен на јавна расправа катноста на објектите била прикажана со П+4+По, а во предлог-планот катноста е со П+4+М+По. Притоа, мезанинот (М) (како што беше известен Судот од Градскиот комитет за урбанизам, бил додаден на предвидениот објект по сугестија на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина заради изедначување на висината на објектите со сообраќајницата (ул.”Партизански одреди”) и заради одвојување на деловниот од станбениот комплекс. За оваа измена била известена и Месната заедница “Карпош 4” со писмо бр.18-3747 од 29 декември 1993 година.

Судот, понатаму утврди дека во записникот од одржаната јавна расправа стои дека граѓаните дале предлог на Булеварот “Партизански одреди” да се направи влез во локалитетот, а излезот да биде на улицата “Никола Парапунов”. Од извештајот по забелешките на граѓаните од јавната расправа стои дека барањето се прифаќа и дека од Булеварот “Партизански одреди” се предвидува сообраќајница која ќе претставува влез во локалитетот и пошироко во станбената зона. Но како фактички е постапено по ова барање во планот Судот утврди дека е предвиден влез од Булеварот “Партизаснки одреди” но наместо излезот да е на улицата “Никола Парапунов” како што барале граѓаните излезот е вцртан на улица “Волгоградска”. Од тоа произлегува дека предлогот на граѓаните делумно е прифатен, а за тоа нема дадено образоложение, туку стои дека предлогот се прифаќа.

5. Со член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) кој важел во време на донесување на оспорената одлука е предвидено дека нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа која се организира од органот на урпавата надлежен за работите на урбанизмот така што планот во фазата на нацрт се изложува во месната заедница, а потоа во рок од 15 дена се примаат забелешки на граѓаните и другите заинтересирани субјекти изразени во писмена форма. Врз основа на прифатените зебалешки од јавната расправа се подготвува предлог-планот. Согласно член 33 од Законот , органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на Републичкото собрание односно на собранието на општината предлог на просторен односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки. Според член 35 од Законот во Одлуката за донесување на планот се означува особено видот и називот на планот, текстуалните и графичките прилози, се утврдува начинот и рокот за заверка на планот и неговите прилози и се одредува органот што ќе го завери и чува планот. Во член 39 став 2 од Законот е пропишано дека измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како за нивно донесување.

Од цитираните одредби од Законот произлегува дека како дел од постапката во која граѓаните треба да бидат вклучени во донесување на урбанистичките планови, преставува јавната расправа на која граѓаните даваат писмени забелешки за кои, пак се дава образложение за неприфатените забелешки и дека составен дел на одлуката за донесување на план се графичкиот приказ и текстуалниот дел на планот.

Со оглед на тоа што вцртувањето на уште еден кат на предвидените објекти како мезанин не е резултат на јавната расправа ниту, пак, за излезот на улицата “Волгоградска” не е дадено образложено мислење на надлежниот орган за неприфаќање на забелешката на граѓаните Судот оцени дека одлуката не е во согласност со цитираните одредби од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.138/96)