110/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 ноември1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за висината на доплатната премија за издавање зелени карти, донесена од Управниот одбор на Националното биро за зелена карта од Скопје на редовната седница одржана на 14 ноември 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Лазаров од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со член 61 од Законот за осигурување имоти и лица, со кој при утврдувањето на надлежностите на националното биро тоа не било овластено да донесува свои акти за воведување јавни давачки за граѓаните. Со оглед на тоа што со Законот било предвидено задолжително осигурување на моторните возила од штета на трети лица, зелениот картон само претставувал потврда дека возилото е осигурано, па не постоел законски основ за посебно дополнително осигурување за добивање на зелен картон. Со воведувањето на дополнителната премија за добивање зелен картон всушност се воведувало двојно осигурување за иста намена и се воведувала јавна давачка, за што националното биро не било овластено.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од оспорената одлука е предвидено заради обезбедување на повисокото осигурително покритие при патување со моторно возило во странство од износите пропишани во член 74 став 1 од Законот за осигурување имоти и лица друштвата за осигурување кои се занимаваат со осигурување на сопствениците, односно корисниците на моторни возила од одговорност за штета причинета на трети лица ќе наплатуваат доплатна премија.

Според член 2 од Одлуката доплатната премија ќе се наплатува при издавање на зелени карти од страна на осигурувачите на Република Македонија, а по овластување на Националното биро за зелена карта на Република Македонија, при што е утврдена висината на доплатната премија во зависност од видот на возилото и времетраењето на осигурувањето.

Во член 3 од Одлуката е предвидено дека обврската на осигурувачот по издадените зелени карти е до висината на обврската предвидена со прописите на посетената земја. Ако исплатениот надомест на штета причинета во странство е поголем од лимитот на покритие утврден со Законот осигурувачот што го исплатил надоместокот нема право, од лицето одговорно за штета да ја бара разликата меѓу исплатениот износ и износот на кој е ограничена обврската.

Понатаму, Судот утврди дека Националното биро е основано со договор меѓу Акционерското друштво за осигурување и реосигурување “Македонија”-Скопје, Друштвото за застапување и посредување во осигурувањето “Полиса” од Скопје и Акционерското друштво за осигурување “Вардар” од Скопје.

Судот, исто така утврди дека со тарифите на премија за осигурување од автоодговорност усвоени од управните одбори на трите друштва за осигурување што го основале Националното биро се утврдени премиите за осигурување од автоодговорност за штета причинета на трети лица. Висината на премијата се утврдува во зависност од повеќе елементи како што се на пример видот и намената на возилото, техничките карактеристики на возилото, видот на осигурувањето, обемот и висината на осигурителното покритие и други елементи, при што е предвидено за издавање на зелена карта да се наплатува доплатна премија утврдена со одлука на Националното биро за зелена карта.

4. Во Законот за основите на системот на осигурување на имоти и лица (“Службен лист на СФРЈ” бр.17/90 и 82/90) кој важеше во времето на основањето на Националното биро во Република Македонија, кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот беше преземен како републички, беше предвидено задолжително осигурување за корисниците односно сопствениците на моторни возила од одговорноста за штета причинета на трети лица (член 83 точка 2). Според член 84 став 1 од овој Закон сопствениците односно корисниците на превозни средства на кои се применуваат одредбите од овој закон за задолжителните осигурувања беа должни да склучат договор за задолжително осигурување со организација за осигурување.

Означените прашања на истоветен начин се регулирани во важечкиот републички Закон за осигурување имоти и лица (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/93, 65/93).

Имено, со член 63 точка 2 од Законот е предвидено корисниците односно сопствениците на моторни возила задолжително да се осигуруваат од одговорност за штети причинети на трети лица. Сопствениците односно корисниците на превозни средства, согласно член 64 од Законот мораат да склучат договор за задолжително осигурување со друштвото за осигурување, кој договор, согласно став 2 на овој член од Законот се склучува под услови под кои друштвото за осигурување ќе врши задолжително осигурување.

Во член 71 став 1 од Законот е предвидено дека сопственикот односно корисникот на моторно возило и приклучно возило е должен да склучи договор за осигурување од одговорност за штета што со употреба на моторно возило (осигурување од автоодговорност) ќе им ја причини на трети лица поради смрт, повреда на телото, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети, освен од одговорност за штета на предметите што ги примил на превоз. Во член 74 од Законот се утврдени минималните износи на кои мора да се договори осигурување од автоодговорност пресметани во противвредност во денари по курсот на Народната банка на Република Македонија до денот на уплата. Според став 2 на овој член на Законот обврската на друштвото за осигурување за надомест на штета по основ на осигурување од автоодговорност не може да биде повисока од износите кои се утврдени со Законот, ако со договорот за осигурување не е договорен повисок износ. Ако износите не се доволни за надоместување на сите штети предизвикани од истиот штетен настан, превентивно се надоместуваат штетите на лица (став 3).

Во член 77 од Законот е предвидено дека оштетеното лице има право барањето за надоместок на штета да го истакне директно према друштвото за осигурувње.

Според член 79 од Законот друштвото за осигурување кај кое сопственикот односно корисникот на возилата осигурал автоодговорност е должно штетата што со употреба на возилото е предизвикана во странство да му ја надомести на трето лице во висина определена со прописите за задолжителното осигурување на државата во која штетата настанала. Ако исплатениот надоместок од штетата од став 1 на овој член е поголема од износот од член 74 став 1 од овој закон, друштвото на осигурување има право од лицето одговорно за штетата да ја бара разликата меѓу исплатениот надоместок и износот на кој е ограничена нејзината обврска како каматата и сразмерниот дел на трошоците, ако поинаку не е договорено.

Понатаму, во Законот е предвидено управните одбори во различните видови на друштва или други органи определени со статутите да ги донесуваат тарифите за премиите за осигурување.

Од изнесените законски одредби произлегува дека осигурувањето за штета причинета на трети лица со моторно возило е задолжително, при што сопствениците односно корисниците на моторни возила се должни да склучат договор за осигурување од авто-одговорност, под услови што ги пропишува друштвото за осигурување.

Понатаму, од изнесените законски одредби произлегува дека е предвидвидена различна одговорност на друштвото за осигурување во случај на штета предизвикана со возило на територијата на Република Македонија и за штета предизвикана во друга држава. Имено, за штета предизвикана во Република Македонија друштвото одговара до износите на кои е извршено осигурувањето од авто-одговорност, а за штета предизвикана во странство одговара во висина определена со прописите за задолжително осигурување на државата во која штетата настанала.

Имајќи ги предвид означените законски одредби Судот смета дека право е на друштвата за осигурување да ги утврдат условите под кои ќе го вршат задолжителното осигурување, да ја утврдат премијата за осигурување, а во тие рамки да утврдат и доплатна премија за осигурување од авто-одговорност за штета што може осигуреникот да ја предизвика во странство, односно за издавање на зелена карта која претставува доказ дека е склучен договор за задолжително осигурување од авто одговорност за штета предизвикана во странство.

Основањето на Националното биро за осигурување е предвидено во член 61 од Законот, во кој е утврдено друштвата за осигурување со договор да го основаат, а доколку во Републиката работи само едно друштво за осигурувње или не се основа национално биро Владата на Република Македонија го основа Националното биро.

Бирото ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување на корисниците односно сопствениците на моторни возила од одговорност. Бирото ги претставува друштвата за осигурување од Република Македонија во меѓународните организации за осигурување во врска со осигурувањето на сопствениците односно корисниците на моторни возила од одговорност.

Друштвата со договор можат да му доверат на Бирото вршење на определени работи од заеднички и општ интерес за осигурување (статистика, собирање информации, развој на осигурувањето, информации, стручно оспособување на кадри) и други работи.

Според член 62 од Законот, Бирото е правно лице. Со Статутот се уредува неговата организација, а со актот за негово основање се утврдува начинот на неговото финансирање и работите што му се доверуваат.

Од изнесените законски одредби произлегува дека националното биро за осигурување на Република Македонија, пред се, ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување.

Од Договорот за основање на Националното биро, пак, произлегува дека тоа ги издава зелените карти и други меѓународни исправи за осигурување од авто-одгогворност, врши рефундирање на исплатените износи од осигурувачот врз основа на странска меѓународна исправа.

Со оглед на тоа што во тарифата на друштвата за осигурување кои го основале Националното биро е предвиден основ за плаќање на дополнителната премија за издавање на зелена карта, што значи дека осигурителните друштва се движеле во рамките на законското овластување, да ги утврдуваат премиите за осигурување во зависност од ризикот и одговорноста на друштвото, а Националното биро ја утврдува само висината на оваа премија, Судот оцени дека тоа не е во несогласност со означените законски одредби.

Исто така, Судот оцени дека плаќањето на премијата за издавање на зелена карта не претставува јавна давачка, туку обврска од договорен однос меѓу осигурителните друштва и осигурениците.

5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.110/96)