Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 ноември 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Зора Ангеловска од Делчево со кое се бара заштита на слободите и правата што се произлезени од работен однос.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Зора Ангеловска од Делчево му поднесе иницијатива со која бара заштита на слободите и правата кои произлегуваат од работен однос, подведувајќи го ваквото барање под член 110 став 1 алинеа 3 од Уставот на Република Македонија. Понатаму наведува дека била вработена во СОО Црвен крст – Делчево од 1979 година, на работно место книговодител. Сметано од 1991 година, Собранието на Општинската организација на Црвениот крст – Делчево донело четири решенија за престанок на работниот однос на предлагачката, а поради економски причини. Првите три решенија за престанок на работниот однос на предлагачката биле поништени со правосилни пресуди на Основниот суд во Делчево и предлагачката била враќана на работа. По повод последната одлука за престанок на работниот однос, донесена на 1 јули 1996 година, предлагачката завела работен спор пред Основниот суд во Делчево, по кој се уште не било одлучено. Понатаму наведува дека Собранието на Општинската организација на Црвениот крст – Делчево не ги извршувало доброволно правосилните судски одлуки, туку предлагачката морала да поднесува предлози за присилно извршување на пресудите, како за враќањето на работа, така и за исплатата на надоместокот на платата за време на незаконитиот престанок на работниот однос. Со иницијативата предлага, заради спречување на притисоците и шиканирањата што се вршеле врз неа, Судот да донесе одлука за забрана на незаконитите дејствија на Собранието на Општинста организација на Црвениот крст – Делчево, со кои што дејствија биле повредувани нејзините права од работен однос.
3. Од приложените докази кон иницијативата, Судот утврди дека предлагачката била вработена во Собранието на Општинската организација на Црвениот крст – Делчево, на работно место книговодител. Од страна на овој орган биле донесени три одлуки за престанок на работниот однос, кои биле поништени со правосилни судски одлуки врз основа на кои предлагачката била враќана на работа. Последната одлука за престанок на работниот однос на предлагачката била донесена на 1 јули 1996 година и по истата предлагачката завела работен спор по кој сеуште не е одлучено.
Од образложенијата на приложените правосилни пресуди П.бр.39/92 од 18.02.1992 година, П.б р.319/92 од 23.11.1993 година и П.бр.302/95 од 8.11.1995 година, донесени од Основниот суд во Делчево, и од наводите на предлагачката дадени во иницијативата, Судот утврди дека причина за престанокот на работниот однос во трите, односно во четирите случаи била тешката финансиска состојба на Собранието на Општинската организација на Црвениот крст – Делчево, поради што предлагачката била прогласувана за економски вишок, меѓутоа надлежниот суд не ја прифатил тешката финансиска состојба на СОО Црвен крст – Делчево како законит основ за престанок на работниот однос на предлагачката.
4. Согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Имајќи ги во предвид цитираните одредби и утврдената фактичка состојба, Уставниот суд најде дека не е надлежен да одлучува по барањето на предлагачката, со оглед на тоа што со истото не се бара заштита на ниту едно од правата и слободите утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, туку се бара заштита на право од работен однос за кое е надлежен да одлучува редовен суд, каде што впрочем предлагачката веќе се обратила, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.220/96)