236/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, бр.23-2002/2, донесена од Владата на Република Македонија на 16 септември 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од група граѓани од Дебар, за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало становите да се продаваат во готово, а не на рати со рок на отплата од 40 години и со дополнителен попуст од 10% или со заробени девизи, што значело нееднаква положба на овие станари со граѓаните-носители на станарско право на стан во општествена сопственост, поради што Одлуката не била во согласност со член 9 од Уставот и со член 8 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост.

3. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се определува продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката (член 1), при што се пропишува дека станбениот простор што се продава, неговата големина, динамиката на продавање и вредноста на становите се утврдува со програма на јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (член 2), со тоа што со таа програма се опфаќаат становите изградени за решавање на имотно-правните односи при уредување на градежното земјиште, станови со решенија за времено користење доделени од републичките или општинските органи на управата, поранешните општествено-политички и општествени организации (член 3). Право на купување на стан, според оваа Одлука, имаат и корисниците на становите со времени решенија постари од 3 години (член 4), а услов за користење на правото за купување е редовно да е измирувана станарината (член 5). Продажната вредност на становите ќе се утврди според одредбите од Законот за продажба на становите во општествена сопственост (член 8), со тоа што становите определени за продажба со оваа одлука ќе се продаваат во готово во висина од 50% од вредноста утврдена во член 8 од оваа одлука (член 9). Барањето за купување на станот се поднесува во подрачната единица на Јавното претпријатие (член 10), за продажба на станот се склучува договор со точно определени податоци (член 11), а Одлуката влегува во сила наредниот ден од објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” (член 12).

4. Имајќи ја предвид изнесената содржина на оспорената одлука, Судот смета дека Одлуката не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот бидејќи има еднократно дејство (да се продадат државните станови) и се однесува на точно определени станови, а не уредува односи на општ начин и за неопределени субјекти, како и што со неа се одлучува за имотни прашања, а не за прашања од јавно-правно значење, поради што Уставниот суд не е надлежен да одлучува по неа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.236/96)