209/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 21 став 2 од Правилникот за плати и надоместоци на платите на Министерството за одбрана, донесен од министерот за одбрана на 1, 21 и 23 ноември и 20 декември 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Димитрие Атанасовски адвокат од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 21 став 2 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се исклучуваат правата на работниците кои им припаѓаат согласно Законот за работни односи и Колективниот договор, односно со него им било оневозможено на работниците зголемување на платата за работа во неработни денови, на празници, ноќе и друго.

3. Разгледувајќи ја иницијативата Судот утврди дека оспорениот член од правилникот веќе еднаш бил оценуван и со решение У.бр.76/95 и 173/95 од 13 декември 1994 година ја отфрлил иницијативата со образложение дека оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, а по повод на новата иницијатива нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.209/96)