Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”бр.70/92) на седницата одржана на 6 ноември 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на точка 5 од Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на Кавадарци бр.08-989, со н. Глишиќ и с. Марена (д.л. 7, 8, 10, 11, 15, 16, 19 и 82/2) донесена од Собранието на Општина Кавадарци на 20 декември 1994 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на Решението за издавање на локација бр.08-775 од 12 октомври 1995 година, Решението за издавање на урбанистичка согласност бр.08-1095 од 31 октомври 1995 година и Решението за одобрение за градба бр.09-1224 од 5 декември 1995 година, донесени од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица во Кавадарци.
3. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето на Ѓорѓи Митрев, Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се донесени врз основа на оспорениот акт.
4. На Уставниот суд на Република Македонија, Ѓорги Митрев-адвокат од Кавадарци му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што во постапката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план не се водело сметка за јавниот интерес на граѓаните и акот за тоа било укажано на јавната расправа, имено при донесување на оспорената одлука не било водено сметка дали со предвидувањето на нова локација за градба на деловен објект планот не требало да се измени во друга насока од причини што во делот врз кој се предвувува градба на деловен објект минувал постојниот градски колектор за фекални води, понатаму во иницијативата се наведува дека оспорените решенија не биле во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање затоа што со нив всушност Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина фактички го менувал планот и со Законот за инвестициони објекти затоа што при определување на локација за изградба на нов градски објект не се водело сметка за растојанието меѓу новопредвидениот и постојниот објект.
Со иницијативата се бара Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечни акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените акти.
5. На седницата Судот утврди дека Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија- Подрачна единица Кавадарци со писмо се обратило до сите месни заедници меѓу кои е и Месната заедница Кула каде се наоѓа спорниот објект и ги известило граѓаните од овие месни заедници за измената и дополнувањата на Деталниот урбанистички план и при тоа ги повикува за предложените измени и дополнувања на планот во месните заедници да одржат задолжителен состанок на кој ќе биде повикан претставник на Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.
Истовремено Министерството со соопштение ги известило месните заедници дека се ставаат на јавен увид измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Кавадарци кој ќе траел од 17 октомври 1994 година до 1 ноември 1994 година, а за село Марена од 18 октомври до 2 ноември 1994 година (Д.л. 1,2,3,7,10,11,12,15,16,18,19, и 89/2).
Измените и дополнувањата можеле да се видат секој работен ден во Собранието на општината Кавадарци соба бр.11, а измените на Планот за с. Марена во Месната заедница на с. Марена.
Сите заинтересирани странки во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа можеле во писмена форма да поднесат свои предлози и забелешки до подрачната единица.
Исто така во соопштението биле наведени во 23 точки предвидените измени на Планот.
Понатаму Судот утврди дека јавната расправа се одржала на 2 ноември 1994 година во големата сала на Собранието на Општина Кавадарци, бидејќи сите месни заедници користат простории во зградта на Собранието.
На јавната расправа по нацрт планот била ставена усна забелешка дека со новопредвидениот објект се уништува предвиденото зеленило со претходниот план и дека на тој простор имало доволен број деловни простории.
По забелешката по нацрт-планот стручната служба дала свое мислење до Собранието на општината во кое се наведува дека забелешката не се прифаќа и дека со измената се дооформува наведениот локалитет и истата претставува една архитектонска и функционална целина.
6. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Сл. весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90), кој бил во важност во времето на донесувањето на оспорената одлука, просторните и урбанистичките планови се изработуваат во две фази-нацрт на план и предлог на план. Нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа. Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а заблешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуаат до надлежниот орган во писмена форма во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.
Според член 33 од наведениот закон органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на собранието извештај од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Од наведените одредби произлегува дека јавната расправа по нацрт планот се организира на тој начин што планот се изложува во соодветна просторија на месната заедница за време од најмалку 15 дена, а во наредниот рок од 15 дена граѓаните и другите заинтересирани субјекти доставуваат забелешки до надлежниот орган во писмена форма, а по забелешките надлежниот орган до собранието доставува мислење.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај постапката за донесување на оспорената одлука е спроведена согласно законот кој важел во времето на нејзиното донесување, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со законот.
7. Што се однесува до наводите во иницијативата дека пред донесување на планот не се водело сметка за јавниот интерес на граѓаните, дека планот можел да се измени во друга насока, како и прашањето за растојанието меѓу новопредвидените објекти и постојните објекти Судот смета дека се фактички прашања за кои согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
8. По однос на барањето за оценување на законитоста на оспорените решенија, Судот утврди дека тие не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку се поединечни акти за кои не е надлежен да одлучува и одлучи како во точката 2 од ова решение.
9. Во врска со барањето за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука, Судот утврди дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и одлучи како во точката 3 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.185/96