Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 октомври 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар – парцијални измени, донесена од Собранието на Општина Гостивар на 15 јули 1996 година бр.08-223/1.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Душан Барутоски од Гостивар му поднесе иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што за спроведување на оспорената одлука не е издадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната околина, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена по стапување во сила на Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96). Побараната согласност за спроведување на одлуката е одбиена од страна на надлежното министерство.
Според член 22 став 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање Собранието на Република Македонија донесува просторен план на Републиката. Според став 2 просторниот план на регион, национален парк, подрачје на град Скопје и на општина, урбанистичките планови за граничните премини и за други локалитети и објекти од јавен интерес ги донесува Владата на Република Македонија. Согласно став 3 на овој член општината донесува генерален урбанистички план, детален урбанистички план урбанистички план за населено место. Според ставовите 4 и 5 на член 22 градот Скопје донесува генерален урбанистички план за град Скопје, а општината од подрачјето на град Скопје донесува детален урбанистички план и урбанистичка документација за населеното место од подрачјето на општината. Според став 6 на член 22 од Законот, урбанистичките планови од став 3, 4 и 5 на овој член, можат да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, а согласно став 7, за плановите за кои не е издадена согласност од став 6 на овој член, се сметаат дека не се донесени.
Од наведената одредба произлегува дека за спроведување на определени урбанистички планови потребна е задолжителна согласност од министерството надлежно за работите на урбанизмот, а доколку соглалсноста не е добиена ќе се смета дека планот воопшто не е донесен.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај не е дадена согласност од Министерството за урбанизам и заштита на животната средина односно согласноста е одбиена Судот оцени дека Одлуката воопшто не е донесена, односно дека нема акт за уставно-судска оценка, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.175/96)