Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 октомври 1996 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА точката 5 од Одлуката за износот и начинот под кои овластените менувачи продаваат ефективни странски пари на домашни физички лица донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/93, 38/93, 57/93 и 27/94), во делот што гласи
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Атанас Китановски од Скопје, со Решение У.бр.36/96 од 10 јули 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината уставност и законитост.
4. Судот на седницата утврди дека според точката 1 од Одлуката домашните лица од член 57 од Законот за девизното работење (менувачи) можат да продаваат ефективни странски пари на домашни физички лица во износ и на начин утврден со оваа одлука а според оспорената точка 5 од оваа одлука менувачите, од домашните физички лица можат да наплатуваат провизија најмногу до 30% од денарска противредност на продадените ефективни странски пари пресметана по продажен курс соважност на денот на продажбата за покритие на трошоците на продавањето.
5. Со членот 55 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемаштвото, а според ставот 3 од овој член, слободата на пазарот и претприемаштвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или здравјето на луѓето.
Според член 91 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собрнаието и е одговорна за нивното извршување, а според алинејата 5, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Со членот 64 од Законот за девизното работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/93, 38/93 57/93, 58/93, 15/94 и 27/94), е предвидено дека домашните лица кои вршат менувачки работи продаваат ефективни странски пари на домашни физички лица во износ и на начин пропишан од Владата на Република Македонија.
Според член 57 од овој закон купување и продавање на ефективни странски пари, патнички и банкарски чекови и кредитни писма од странски и домашни физички лица (странски средства за плаќање), како и на бензиски бонови и бонови за патарина за возила со странска регистрација (менувачки работи), може да вршат Народната банка, овластените банки, како и други домашни правни и физички лица (менувачи) кои врз основа на дозвола од гувернерот на Народната банка се регистрирани за менувачки работи. Според ставот 2 од овој член, Народната банка го пропишува начинот и условите за вршење на менувачки работи.
Со член 2 од Законот за банките и штредилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 78/93 и 17/96), е предвидено дека банката и штедилницата се правни лица кои самостојно вршат дејност заради остварување на добивка, врз начелата на ликвидност, сигурност и рентабилност, а според ставот 2 од овој член, банката и штедилницата самостојно ги определуваат начинот и формата на внатрешното организирање, поврзувањето и својата дејност, според условите на пазарот и остварувањето на добивката, во согласност со овој и друг закон.
Според член 68 точка 2 од овој закон, собранието на банката ја утврдува деловната политика и го донесува развојниот план, а според член 79, одредбите од овој закон што се однесуваат на банките се применуваат и на штедилниците доколку со овој закон не е поинаку определено.
Според мислењето на Судот, можноста за пропишување на провизијата од овластените менувачи за покривање на трошоците при продажбата на девизи произлегува од овластувањето на Владата да го пропише начинот на продажбата. Меѓутоа, поаѓајќи од фактот дека банките и штедилниците се правни лица кои самостојно вршат дејност заради остварување на добивка и во таа смисла самостојно ја утврдуваат својата деловна и развојна политика, Судот смета дека висината на провизијата е прашање на деловната политика на овластените менувачи, а не начин на продажба на девизи за кој е овластена да ја утврди Владата, поради што оцени дека тој дел од оспорената одредба не е во согласност со наведените уставни и законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.36/96).