Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 септември 1996 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА членот 89 и членовите од 117 до 141 од Колективниот договор склучен на ниво на работодавец, односно меѓу Управниот одбор на Претпријатието во општествена сопственост Рудници за олово, цинк и преработка “Злетово” – Пробиштип и Синдикатот на металци, енергетичари и рудари на 5 февруари 1995 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Невенка Нотевска и Мите Славевски од Пробиштип со Решение У.бр.37/95 од 19 јуни 1996 година, поведе постапка за оценување законитоста на колективниот договор означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Законот за работни односи.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорените одредби од Колективниот договор се уредува формирањето, работата и надлежностите на дисциплинската комисија во Претпријатието во општествена сопственост Рудници за олово и цинк и преработка “Злетово” – Пробиштип. Покрај останатото, на Дисциплинската комисија и е ставено во надлежност да ја утврдува дисциплинската одговорност на работникот и да изрекува дисциплинска казана – престанок на работниот однос на работникот.
5. Согласно член 1 став 1 од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93 и 14/95) со овој закон се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорносите на работникот и работодавецот од работен однос.
Под работен однос, согласно став 2 на овој член од Законот, се подразбира договорен однос меѓу работникот и работодавецот, заради вршење на определени работи и остварување на правата и обврските од тој однос.
Под работодавец, во смисла на став 2 од овој член, се подразбира претпријатие и друго правно лице кое врши стопанска дејност, установа и друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единици на локалната самоуправа и друго домашно и странско физичко и правно лице кое вработува работници.
Членот 2 од овој закон предвидува работниот однос на работникот да се уредува со овој или друг закон и колективен договор.
Според член 3 од овој закон, работникот засновува работен однос доброволно на начин и под услови утврдени со закон.
Во член 4 од Законот е предвидено дека рабортникот е должен да ги исполнува обврските што произлегуваат од работниот однос, а за нивната повреда како и за причинетата штета, работникот одговара лично според одредбите на закон и колективен договор.
Од наведените законски одредби произлегува дека работниот однос е в’сушност договорен однос меѓу работникот и работодавецот за вршење на определени работи, при што правата и обврските на двете договорни страни се во корелативен однос и се уредуваат со овој или друг закон и со колективен договор. За прашањето за повреда на работните обврски како и за причинетата штета, Законот упатува одговорноста на работникот да се уредува според закон и колективен договор.
Понатаму, во главата V од Законот за работни односи (кој ги уредува прашањата во врска со колективните договори) во членот 84 од Законот определува дека со колективен договор се доуредуваат, во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорносите на работниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.
Колективниот договор се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работниците и за работодавците кои го склучиле како и за сите работници и работодавци во чие име е склучен договорот.
Согласно член 90 од Законот, на ниво на работодавец, колективен договор склучуваат управниот одбор или друг соодветен орган на управување утврден со закон, односно со статутот на работодавецот, односно работодавецот и синдикатот.
Во одредбите од одделот 4 на глава VII (членовите од 109 до 124) од Законот за работните односи се предвидени три основи за престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавецот: 1) ако работникот е неспособен да ги извршува работните задачи утврдени со закон, колективен договор и договор за работа; 2) ако на работникот му се обезбедени потребните услови за работа и му се дадени соодветни упатства или писмено предупредување од работодавецот дека не е задоволен од начинот на извршувањето на работните обврски и ако по истекот на рокот од 30 дена не го подобри своето работење (член 114 од Законот) и 3) ако работникот ја крши работната дисциплина или не ги исполнува обврските утврдени со закон, колективен договор и договорот за работа. (член 115 од Законот)
По основот за престанок на работниот однос со отказ поради кршење на работната дисциплина членот 115 од Законот пропишува неколку случаи на кршење на работната дисциплина како најтипични, со тоа што упатува со закон и со колективен договор да се утрдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски.
Во однос на прашањето за престанок на работниот однос на работникот поради непочитување на редот и дисциплината во работењето во оспорениот колективен договор е предвидено вината да ја утврди и казна да изрече дисциплинска комисија.
Од изнесеното произлегува дека во Законот за работни односи, во одделот 4 (членовите од 109 до 124) во целина е регулирано прашањето за престанокот на работниот однос на работникот по трите погоре наведени основи, без притоа, да се определени органот кој за тоа одлучува, со исклучок на членовите 118 и 120 кои предвидуваат посебни случаи за престанок на работниот однос на работникот во кои одлучува надлежниот орган на управување. Имено, тоа се случаите на престанување на работниот однос на раководните работници, на работниците со над 25 години работен стаж или со најмалку 20 години непрекината работа кај ист работодавец.
Во однос на другите основи за престанок на работниот однос на работникот со отказ, Законот не содржи посебна одредба за определување на органот што би бил надлежен за одлучување.
Со членот 61 Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94) се предвидува работниот однос на работникот да може да му престане со отказ поради кршење на работната дисциплина или поради неисполнувањето на обврските од работата доколку кршењето на работната дисциплина или неисполнувањето на обврските од работа е утврдено од страна на работодавецот, односно работоводниот орган или од него определено лице. Исто така, согласно членот 75 од Договорот, по приговорот на работникот кај работодавецот, може да одлучува и органот што одлучувал во прв степен, при што, ако тоа бил работодавецот, ќе ја преиспита претходно донесената одлука.
Поаѓајќи од содржината на цитираните законски одредби, а притоа имајќи го во вид и договорниот карактер на работниот однос при што договорот го потпишува работоводниот орган и дека отказот всушност значи раскинување на работниот однос за што одлучува работоводниот, а не колегијалниот орган на претпријатието, освен во наведените случаи во членовите 118 и 120 од Законот, Судот утврди дека работоводниот орган, односно работодавецот може во одделни случаи да формира комисија која претставува еден вид стручно тело што ќе ја утврди фактичката состојба.
По утврдувањето на истаа, работоводниот орган, односно работодавецот донесува решение ѕа престанок на работниот однос на работникот.
Исто така, согласно член 117 од Законот отказот за престанок на работниот однос од страна на работодавецот му се дава во писмена форма, а по барање на работникот работодавецот е должен да даде и писмено образложение за причините за давање на отказот.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со постоењето на можноста работоводниот орган да формира стручно тело што ќе спроведе постапка и ќе утврди дали се исполнети условите за изрекување на мерката престанок на работниот однос на работникот со отказ, постоењето на орган како што е дисциплинската комисија во претпријатието односно во друго правно лице, со право да изрекува и мерка – престанок на работниот однос, не е во согласност со одредбите од Законот за работни односи.
Од тие причини Судот утврди дека одредбите од Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите од работниот однос на работниците и работодавачот во ПОС Рудници “Злетово” што се однесуваат на формирањето, работата и надлежностите на дисциплинската комисија се несогласни со Законот за работни односи.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.37/95)