165/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 септември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување меѓусебната неусогласеност на член 30 група VI од Колективниот договор на основно образование на Република Македонија склучен на 27 декември 1995 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/95) со член 34 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност склучен на 20 јули 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Стојко Илиевски – секретар во Основното училиште “Коле Канински” во Битола и други секретари правници во дванаесет основни училишта во битола му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на меѓусебната неусогласеност на член 30 група VI од Колективниот договор за основно образование со член 34 од Општиот колективен договор означен во точката 1 од ова решение, затоа што во оспорениот член за работното место секретар е утврден коефициент на сложеност од 2,70 а во Општиот колективен договор за ова работно место е утврден коефициент 3,00.

3. На седницата Судот утврди дека во член 30 од Колективниот договор за основно образование во VI група за многу сложени работи кои бараат креативност во нивното извршување работното место секретар е вреднувано со коефициент на сложеност 2,70, а во член 34 од Општиот колективен договор во IX група за многу сложени работи кои бараат иницијатива и креативност на работникот со дополнителни специјалистички знаења потребни за нивно извршување е утврден коефициент 3,00.

4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека со неа не се бара оценување уставноста и законитоста на колективен договор, туку оценување на меѓусебната неусогласеност на Колективниот договор за основното образование со Општиот колективен договор.

Според член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а не и за меѓусебната согласност на колективните договори, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.165/96)