49/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија , врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 септември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) член 91 од Колективниот договор за општествени организации и здруженија на граѓани на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/95);

б) член 60 став 4, член 148 став 1, член 154 и член 156 став 1 и став 2 од Колективниот договор за рудници и индустрија на неметали (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/95);

в) членовите 66 и 166 од Колективниот договор за јавни претпријатија од гранката енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/96).

2. Оваа одлука произведувај правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Владимир Вешовски од Струга, со решение У.бр.46/96 од 3 јули 1996 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од колективните договори означени под а), б) и в) во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Законот за измени и дополнувања на Законот за работни односи и Законот за измени и дополнувања на Законот за претпријатијата.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 91 од Колективниот договор за општествени организации и здруженија на граѓани на Република Македонија и со членовите 60 став 4, 148 став 1 и 156 од Колективниот договор за рудници и индустрија на неметали се предвидува при престанок на работникот однос на работникот, отказниот рок да изнесува 6 месеци.

Со членот 121 став 1 од Законот за работни односи се предвидуваше отказниот рок да не може да биде пократок од 30 дена нитуј подолг од шест месеци во зависност од должината на работниот стаж и причините за отказ, согласно со колективниот договор.

Со Законот за измени и дополнување на Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/95) рокот од 6 месеци се заменува со рок од 3 месеци.

Со облед на тоа што оспорените одредби од наведените колективни договори не се усогласени со Законот за измени и дополнување на Законот за работни односи, Судот оцени дека се несогласни со истиот, па одлучи како под а) и б) на точката 1 од оваа одлука.

5. Исто така, Судот утврди дека со членот 154 од Колективниот договор за рудници и индустрија на неметали и со членот 166 од Колективниот договор за јавни претпријатија се предвидува на работникот да му престане работниот однос ако се утврди дека на негово име има регистрирано претпријатие или дуќан или ако работи за друг работодавец, односно за негов член од потесно семејство.

Согласно член 178-а од Законот за измени и дополнувања на Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.61/90) претпријатието, во согласност со својот акт, го склучува договорот за условите под кои директорот, како и другите работници додека се во работен однос, а најдолго две години по престанувањето на работниот однос во тоа претпријатие, не можат да основаат претпријатие кое со вршењето на дејност аби можело да му предизвика штета на претпријатието.

Согласно ставот 2 на овој член, ако горе наведените лица постапат спротивно на условите определени со актот на претпријатието, претпријатието има право пред надлежниот суд да бара надомест за настанатата штета на поднесување тужба за бришење од судскиот регистар на дејноста чие вршење ја предизвикало штетата.

Со оглед на тоа што оспорените одредби од наведените колективни договори предвидуваат само престанување на работниот однос на работникот ако се утврди дека регистрирал претпријатие или дуќан, без да се осврнат на условите и можностите кои за вакви случаи ги предвидува Законот за измени и дополнувања на Законот за претпријатијата, Судот оцени дека истите се несогласни со наведениот закон.

Во овој контекст, Судот ја имаше предвид одредбата од член 719 став 1 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/96) според која со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за претпријатијата и одредбата од член 728 од истиот закон според која Законот за трговските друштва влегува во сила триесеттиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, односно на 6 јули 1996 година.

Меѓутоа, Судот ги имаше предвид и одредбите од ставовитге 2 и 3 на член 719 од Законот за трговските друштва според кои одредбите од Законот за претпријатијата ќе продолжат да се применуваат во општествените, јавните, задружните и на приватните претпријатија се додека под услови и на начин и во роковите утврдени со друг закон не бидат претворени во некое од друштвата утврдени со закон, поради што оцени дека постапката за оценување законитоста на оспорените колективни договори и натаму ќе се врши во однос на Законот за претпријатијата, па врз основа на тоа утврди дека членовите 154 и 166 од наведените колективни договори се несогласни со Уставот на Република Македонија.

6. Понатаму, Судот утврди дека согласно член 66 од Колективниот договор за јавни претпријатија од гранката енергетика работоводниот орган на јавното претпријатие во поединечни случаи може да доенсе одлука за престанување на потребата од работа на работник со справо на исплата на еднократен надоместок во вид на испратнина.

Согласно член 130 од Законот за работни односи на работникот не може да му престане работниот однос ако работодавецот не му обезбеди: вработување кај друг работодавец без огласување на работното место со преземање и склучување на договор за работа, на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, односно квалификација; стручно оспособување, преквалификација или доквалификација за работа кај ист или друг работодавец или еднократен надомест во вид на испратнина, во висина на едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж, а најмногу 12 месечниј плати, остварена во претходниот месец од денот на престанокот на работниот однос.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од наведениот колективен договор не предвидува ниту една од овие погодности за работникот во случај на престанок на работниот однос, туку го овластува работодавниот орган да ги определува случаите кога при престанокот на работниот однос на работникот ќе му исплати само еднократен надомест, Судот утврди дека е несогласна со Законот за работни односи.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8 Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски ( У.бр.49/96)