Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јули 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на
а) Локацијата бр.3170/95 од 7 ноември 1995 година, издадена од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина;
б) Урбанистичката согласност бр.19-4213/95 од 12 декември 1995 година, издадена од министерството означено под а) во точката 1 на ова решение, и
в) Одобрението за градба бр.19-4270/95 од 28 ноември 1995 година, издадено од министерството означено под а) во точката 1 на ова решение.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Георги Хаџиев, арх. од Охрид и Маргарита Трендафиловска арх. од Скопје, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите означени под а), б) и в) во точката 1 од ова решение, затоа што Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица во Охрид неправилно го толкувало Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје, како последица на што ги издало оспорените акти во кои дозволило на КП.16336 на КО-Охрид изградба на станбен објект со габарит од П+1 над ул.”Цар Самуил”, односно П+2 од страна на ул.”Коста Абраш”, што не било согласно со Устав и закон.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената локација, урбанистичката согласност и одобрението за градба гласат на име Тијана Миљовска и Натка Кацкова на кои како на инвеститори им се одобрува на КП.16336 – КО.Охрид изградба на станбен објект со габарит од П+1 над ул.”Цар Самуил”, односно П+2 од страна на улицата “Коста Абраш”.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со оглед на тоа што оспорените акти не претставуваат прописи во смисла на овој член од Уставот, Судот оцени дека тие не спаѓаат во доменот на неговата надлежност, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.128/96)