Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 1996 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 122 од Законот за девизното работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/93).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, оценувајќи ја уставноста на одделни одредби од Законот за судовите по сопствена иницијатива, со Решение У.бр.42/96 донесено на 6 март 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 122 од законот за девизно работење, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека со Законот за девизното работење се уредуваат финансиските и другите економски трансакции меѓу домашните и странските лица, платниот промет со странство, девизното работење на банките девизниот пазар и девизните резерви, располагањето со девизи од страна на граѓаните во Република Македонија, прометот со злато, како и девизниот надзор и контрола (член 1 став 1 од Законот.
Во дел XII од Законот се пропишани казнени одредби, при што се утврдени кривичните дела, стопанските престапи и прекршоците.
Во членовите 116 до 121 од Законот се утврдени видовите на прекршоци и казните што можат да се изречат.
Во член 122 е предвидено прекршочната постапка за прекршоците предвидени со овој закон да ја води и решение за прекршокот во прв степен да донесува Комисија за прекршоци формирана од министерот за финансии, од редот на работниците на девизната инспекција, а против решението во прв степен може да се изјави жалба до Министерството за финансии.
Од оваа одредба произлегува дека за прекршоците постапката ја водат органи на управата кои изрекуваат и прекршочни казни, при што и во прв и во втор степен всушност се одлучува во рамките на ист орган, т.е. во Министерството за финансии.
5. Со Уставот на Република Македонија е извршена поделба на власта на законодавна, извршна и судска што пртставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со Уставот се точно и прецизно дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативн поделени ввласти чии статус надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.
Судската власт е посебна и самостојна власт, Судската власт според член 98 од Уставот, ја вршат судовите кои се самостојни и независно кои се востановуваат само со закон и е забрането формирање на вонредни судови. Судството е поставено како единствен систем во кој ретба да се обезбеди остварување на владеењето на правото и правната држава, а како услов за остварување на овие темелни вредности на уставниот поредок е прецизно одвоена и независно судска власт.
За разлика од Уставот на Ср Македонија од 1974 година кој казнивите дела ги степенуваше според нивната опасност, односно предвидуваше кривични дела и други казниви дела, Уставот на Република Македонија, не содржи формална дефиниција за тоа што се смета за казниво дело, односно не ги утврдува видовите на казниви дела.
Единствено разграничување меѓу кривични дела и други казниви дела е направено во член 106 став 1 од Уставот во кој е предвидено дека јавното обвинителство ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела.
Според тоа, Уставот не ги разликува казнивите дела според степенот на општествената опасност и затоа принципите на казнените постапки се однесуваат на казнивите дела воопшто. Материјалното дефинирање на прекршоците (член 8 од Законот за прекршоците) нив ги определува како повреда на јавниот поредок утврден со закон или со друг пропис, за кој е предвидена прекршочна санкција и ги определува прекршочните санкции, од што може да се извлече заклучок дека по својата суштина, прекршоците се казниви дела односно тие претставуваат општествена опасност што се создава со нивното сторување, а казнувањето е начин за спречување на таа опасност.
Со Уставот исто така прецизно се дефинирани правата и слободите на човекот и граѓанинот со цел да се оневозможи нивно различно толкување.
Во рамките на граѓанските и политички слободи и права Уставот покрај другото го определува и начинот на остварување на слободата на човекот и неговата одговорност за сторени казниви дела, при што во член 13 став 1 се гарантира дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Со член 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според став 2, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.
Од означените уставни одредби произлегува дека вината за одредено казниво дело мора да биде утврдена со судска одлука, што значи дека за сите казниви дела, според Уставот, можат да одлучуваат само судовите.
Со член 88 од Уставот Владата на Република Македонија е дефинирана како носител на извршната власт што претставува соодветна конкретизација на поделбата на власта.
Владата е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и во донесувањето на прописи за извршување на законите. Единствена ограда во остварување на правата и должностите на Владата се Уставот и законите.
Владата на Република Македонија, според член 91 алинеја 6 од Уставот, покрај тоа што утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.
Во рамките на тој надзор Владата со закон е овластена да презема одредени мерки во врска со работата на органите на управата и функционерите кои раководат со тие органи, како и да презема одредени мерки за извршување односно неизвршување на законите. Меѓутоа, Судот оцени дека Владата не е овластена да води постапка за утврдување на вина и за изрекување на одредени санкции за извршени казниви дела односно за прекршоците како еден вид казниви дела.
Органите на државната управа, пак, според член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според Законот за органите на управата, органите на управата, покрај другото ги извршуваат законите со непосредно применување на тие закони, вршат управен надзор и во врска со тоа преземаат мерки за кои се овластени со закон.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека органите на државната управа во кои спаѓаат и министерствата, се надлежни непосредно да ги извршуваат и применуваат законите и заради нивно доследно спроведување се надлежни и да вршат управен надзор над законитоста на работата на другите субјекти на кои се однесуваат одделни закони. Во рамките на надзорот, органите на државната управа можат да преземаат и соодветни привремени мерки за отстранување на незаконитоста до завршување на судската постапка.
Меѓутоа, Судот оцени дека органите на државната управа во рамките на своите овластувања непосредно да ги извршуваат и применуваат законите и да вршат управен надзор, не се овластени да водат одредена казнена постапка против граѓаните и да изрекуваат санкции за сторените казниви дела.
Со оглед на тоа што во оспорените одредби од Законот е предвидено за одделни видови прекршоци да одлучуваат други видови органи, а не судовите Судот оцени дека тие не се во согласност со наведените уставни одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (у.бр.42/96).