Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување согласноста на член 158 став 1 со член 161 став 1 од Законот за извршната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.20-78).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Владимир Вешоски од Струга му поднесе иницијатива за оценување меѓусебната согласност на членот 158 став 1 со членот 161 став 1 од законот означен во точката 1 на ова решение, затоа што ставот 1 на членот 161, со тоа што предвидувал рочиштето за продажба да се одржи и кога присуствува само еден понудувач, ја исклучувал можноста за продажба на недвижности по пат на усно јавно наддавање.
3. Судот на седницата утврди дека членот 158 став 1 од Законот предвидува продажбата на недвижности да се врши со усно јавно наддавање. Членот 161 став 1 од истиот закон предвидува рочиштето за продажба на недвижност да се одржи и кога присуствува еден понудувач.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу дугото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека прашањето за меѓусебната соглансост на пооделни законски одредби излегува надвор од доменот на неговата надлежност, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.167/96)