Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 17-а став 1 точка 1 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Марина Димитровска од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка на член 17-а став 1 точка 1 од законот означен во точка 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со Решение на Фондот за здравствено осигурување – подрачна служба Титов Велес, на подносителката не и било признато правото на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради бременост и породување поради тоа што нејзиното здравствено осигурување пред настапување на случајот траело непрекинато 2 месеци и 8 дена така што не бил исполнет еден од условите од член 17-а од Законот, односно здравственото осигурување да траело 6 месеци непрекинато пред настапување на случајот. Според подносителката на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со членовите 8, 34 и 39 од Уставот поради тоа што бил спротивен на утврдените начела на заемност и солидарност врз кои начела било востановено и здравственото осигурување.
3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорената одредба од Законот, осигурениците можат да остварат право на парични надоместоци под услов здравственото осигурување да траело непрекинато најмалку шест месеци пред настанувањето на случајот за кој може да се оствари правото, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување.
4. Судот, исто така утврди дека одлучувал за уставноста на оспорениот член од Законот и дека со решение У.бр.26/96 од 12 јуни 1996 година не повел постапка, бидејќи Уставот само утврдил право на социјално осигурување и го гарантирал правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата препуштил да се уредат со закон, во случајов со Законот за здравствена заштита. со овој закон, меѓу другото, се утврдени и условите за остварување на правото на паричен надомест на плата за време на боледување. Во таа смисла оспорената одредба од член 17-а од Законот предвидела претходно здравствено осигурување најмалку непрекинато од 6 месеци пред настапување на случајот и придонесот да е редовно уплатуван или со задоцнување од 60 дена.
Меѓутоа, остварувањето на правата од здравствена заштита непосредно е поврзано со плаќање на придонес за здравствено осигурување што произлегува од задолжителното здравствено осигурување воспоставено со Законот. Оттука и произлегува дека во здравственото осигурување е воспоставен принцип на взаемност помеѓу правата на осигурениците и плаќањето на придонес за здравствено осигурување. Ова од причини што законска обврска е да се обеѕбедат средства за остварување на уставната гаранција за правото на здравствена заштита преку уплата на придонес за здравствено осигурување во Фондот за здравствено осигурување. Според мислењето на Судот принципот на солидарност и взаемност воспоставен со Законот се состои во различните улагања на осигурениците во Фондот за здравствено осигурување, а не и во изедначување на правата на осигурениците без оглед дали се исполнети обврските за плаќање на придонесот.
5. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што Судот ја ценел уставнсота на членот 17-а, став 1 точка 1, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.130/96)