Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 140-а од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.15/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Васко Талевски – адвокат од Битола, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 140-а од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се утврдувала одговорност на единствениот основач на претпријатието што не било случај и со другите претпријатија, со што се нарушувал принципот на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, а што не било во согласност со член 55 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 140-а од Законот за претпријатијата, ако единствениот акционер на акционерското друштво, единствениот член на друштвото со ограничена одговорност или единствениот сопственик на приватното претпријатие со своите дејствија или со мешањето на својот имот или на имотот на претпријатието создава кај другите привид на стопански идентитет со претпријатието, им одговара на доверителите на обврскитге на претпријатието неограничено солидарно.
4. Според член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и таа презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Оспорената одредба на член 140-а со која Законот ги заштитува побарувањата на трети лица, без оглед на тоа во кое својство настапил сопственикот на претпријатието во приватна сопственост, е поместена во главата за претпријатијата во приватна сопственост. со таа одредба не се опфаќаат сите претпријатија во приватна сопственост основани како акционерски друштва, друштва со ограничена одговорност, командитни друштва и друштва со неограничена солидарна одговорност, туку само едносопственичките претпријатија во приватна сопственост, односно кога претпријатието е основано само од еден акционер на акционерското друштво, или еден член на друштвото со ограничена одговорност или единствен сопственик на приватното претпријатие. По правило, сите тие одговараат на доверителите за обврските на претпријатието. Во таквите претпријатија каде што не постои идентитет на “сопственикот на капиталот” т.е. средствата со кои работи претпријатието и самото претпријатие, за обврските што во правниот промет ги направило, претпријатието одговара самото со целокупниот свој имот.
Целта на оспорената одредба, меѓутоа, е ако единствениот акционер на акционерското друштво, единствениот член на друштвото со ограничена одговорност или единствениот сопственик на приватното претпријатие, создава кај другите предвид на стопански идентитет со претпријатието преку своите дејствија или со мешањето на својот имот или на имотот на претпријатието, односно кога за сопствените обврски сака да ги изигра доверителите, тогаш тој неограничено солидарно да им одговара на доверителите за обврските на претпријатието.
Тргнувајќи од содржината на уставната одредба според која Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, а имајќи предвид дека со оспорената одредба е утврдено неограничената солидарна одговорност за обврските на претпријатието кон доверителите, да настанува кога сопственикот на тоа претпријатие (единствениот акционер на акционерското друштво, единствениот член на друштвото со ограничена одговорност или единствениот сопственик на претпријатието) со своите дејствија или со мешањето на својот имот или на имотот на претпријатието создава кај другите привид на стопански идентитет со претпријатието, според мислењето на Судот, тоа подеднакво се однесува на сите што се наоѓаат во таква положба и не претставува нарушување на принципот на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 140-а од Законот за претпријатијата со одредбите на Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.134/96)