Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 1996 , донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 7 точка 1 став 2 од Правилникот за начинот на пресметување и уплатување на данокот од добивка и спречување на двојното ослободување или двојното одданочување, донесен од министерот за финансии на 13 април 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/94).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Драган Поповски од Скопје со решение У.бр.76/96 од 8 мај 1996 година поведе постапка за оценување законитоста на членот 7 точка 1 став 2 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, поради тоа што основано се постави прашањеѕто за неговата согласност со членовите 31 и 49 од Законот за данок од добивка.
4. Судот на седницата утврди дека според член 7 точка 1 став 2 од Правилникот под вложени средства од добивката во основни средства се подразбираат средствата вложени за набавка на основни средства (градежни објекти, машини, уреди и др.) исклучително за вршење на дејноста, освен: патнички автомобили, мебелот, теписите, уметничките дела и други украсни предмети за опремување на административните простории.
5. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Согласно член 31 од Законот за данок од добивка (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 33/95 и 43/95), на даночниот обврзник му се намалува даночната основа за износот на извршените вложувања од добивката, во нови инвестиции (реинвестирана добивка) во Републиката, но најмногу до 30% од даночната основа во својата дејност.
Според член 49 од Законот, министерот за финансии ќе донесе поблиски прописи за начинот на пресметувањето и уплатувањето на данокот од добивка, како и за спречување на двојното ослободување или двојното оданочување и ќе пропише образец – даночен биланс за пресметување и уплатување на данокот од добивка во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Од изнесеното произлегува дека врз основа на уставното овластување, законодавеацот со закон вовел данок од добивка и го уредил начинот на оданочувањето на добивката. Исто така со законот се предвидени одредени даночни олеснувања и ослободувања меѓу кои е и намалувањето на даночната основа за извршените вложувања од добивката во нови инвестиции (реинвестирана добивка) во Републиката. Од членот 49 на Законот произлегува овластувањето на министерот за финансии да донесе поблиски прописи за начинот на пресметувањето и уплатувањето на данокот од добивка, како и за спречување на двојното ослободување или двојното оданочување.
Според тоа, согласно законот, министерот за финансии е овластен да донесе поблиски прописи за начинот на пресметувањето и уплатувањето на данокот од добивка, што значи дека е овластен да ја утврди само техниката на пресметувањето и уплатувањето на данокот, а нема овластување да определува што се подразбира под вложени средства од добивка. Со оглед на тоа што со оспорениот член од Правилникот се излегло надвор од овластувањето утврдено со закон, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.76/96)