Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана 19 јуни 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето за преиспитување на Одлуката У.бр.152/94 донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 10 мај 1995 година со која е поништена Одлуката за усвојување на предлог измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за населба “РАЧА” во Охрид, донесена од Собранието на Општината Охрид на 6 ноември 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Виолета Серафимовска од Скопје, му поднесе иницијатива со барање Судот да ја преиспита одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Собранието на Општина Охрид како доносител на одлуката со затајување на потребните документи го довел во заблуда Уставниот суд да донесе интервентна одлука.
3. На седницата Судот утврди дека на 6 ноември 1990 година Собранието на Општината Охрид ја донело Одлуката за усвојување на предлог-измените на Деталниот урбанистички план за населба “Рача”. Пред нејзиното донесување Собранието на Општината донело решение за ставање на јавен увид на нацрт-одлуката од 16 јули до 31 јули 1990 година. Во решението било предвидено дека за време на јавниот увид стручни лица треба да даваат стручно образложение и да ги прибавуваат предлозите и забелешките по планот. Понатаму, во решението било предвидено дека претресот по нацрт планот ќе се одржи на собир на работни луѓе и граѓани на 3 август 1990 година.
Собранието на Општината иако донело решение за ставање на јавен увид на нацрт-планот, го извести Судот дека нема докази дали планот бил изнесен на јавна расправа, ниту пак достави извештај за дадените забелешки по нацрт-планот. Со ваквото известување на Собранието на Општина Охрид Уставниот суд беше доведен во заблуда дека не е спроведена постапка пропишана со закон, поради што донесе одлука со која го поништува Деталниот урбанистички план за населба “Рача” во Охрид.
4. По донесувањето на Одлуката, на Уставниот суд му е поднесена нова иницијатива од Виолета Серафимова од Скопје во која наведува дека оспорената одлука од страна на Собранието на Општина Охрид е донесена во постапка предвидена со закон и дека за тоа постојат докази.
5. По повод наводите во иницијативата, а по укажување на Уставниот суд на Република Македонија, Собранието на Општина Охрид ги достави оригиналните записници од одржаниот собир на работните луѓе за населба “Рача”, како и одговорите по приговорите на граѓаните кои дополнително биле пронајдени во документацијата на Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина во Охрид.
Од доставените докази Судот утврди дека оспорената Одлука за измена на планот е донесена во постапка предвидена со закон.
При ваква положба, Уставниот суд констатира дека како резултат на неточното известување од Собранието на Општина Охрид и на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица Охрид, Судот објективно бил доведен во ситуација да утврди погрешна фактичка состојба за постапката за донесување на оспорената одлука. Врз основа на таквите неточни податоци, Судот ја донел споменатата Одлука со која се поништува Одлуката за усвојување на предлог-измените на Деталниот урбанистички план за населба “Рача” во Охрид, донесена од Собранието на Општина Охрид на 6 ноември 1990 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/95 од 1 јуни 1995 година).
6. Според член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија мериторно одлучил, а неговите одлуки се конечни извршни и непроменливи и следуваше да се донесе оваа одлука.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.223/95, 228/95 и 239/95)