129/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 7 став 5 од Колективниот договор за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/95).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување согласноста на член 70 став 1 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95) со член 11 став 1 од Законот за работните односи.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Основното училиште “Крсте Петков Мисирков” од Радовиш му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на согласноста на оспорените одредби од законот и колективниот договор означени во точка 1 од ова решение, со член 11 од Законот за работните односи, затоа што со нив било предвидено предност при вработување да имаат лицата со најдолг стаж во село, доколку ги исполнувале и другите услови, а со законот за работните односи било препуштено на работодавецот или на органот што тој ќе го определи да врши избор од пријавените кандидати.

Понатаму во иницијативата се наведува дека со ваквите одредби од Законот и колективниот договор се негирало правото на работодавецот да избере највалитетни кадри, со што се изигрувал и институтот оглас, затоа што однапред се знаело кој ќе биде избран.

3. Судот на седницата утврди дека во членовите 66 до 67 од Законот за основното образование се утврдени услоивте за вршење на воспитно-образовната дејност во основното образаование и тоа за учители и наставници по одделенска и предметна настава.

Во член 71 од Законот е предвидено дека учителите, наставниците, стручните работни и воспитувачите ги избира директорот на училиштето по претходно мислење на училишниот одбор.

Во оспорениот член 7 од Колективниот договор е предвидено дека работен однос може да заснова секое лице што ги исполнува условите утврдени со закон, овој Колективен договор или акт на ниво на работодавец. Посебните услови можат да се предвидат како услов за засновање на работен однос ако се потребни за извршување на работите на одредено работно место.

Во оспорениот став 5 од член 7 од Колективниот договор е предвидено доколку ги исполнува општите и посебните услови, предност при засновање на работен однос има лицето кое живее во град, а со најдолг стаж во училиште на село.

4. Според член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 на овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Тргнувајќи од означената уставна одредба како и од посебното уставно значење и карактер на воспитно-образовната дејност, постои уставна можност со посебен закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, а во тие рамки да се утврдат и одредени критериуми за определување на приоритет под еднакви услови при засновање на работен однос. Притоа, право е на законодавецот да ги утврди посебните услови за вршење на воспитно-образовната дејност, како и да утврди одредени приоритети за вработување под еднакви услови – не негирајќи ги предвидените општи и посебни услови предвидени за засновање на работен однос на одредено работно место.

Според член 7 од Законот за работните односи работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој и друг закон и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот.

Од оваа законска одредба произлегува дека општите услови за засновање на работен однос можат да се утврдат само со закон, а посебните услови кои зависат од специфичноста на секое работно место и од потребите на работодавецот одлучува или законодавецот ако се работи за дејнсот од јавен интерес како што е образованието, или тие услови можат да се утврдат со закон, а да се доразработат со колективен договор, или, пак, да се утврдат со колективен договор, а да се разработат со акт на работодавецот.

Според член 84 од Законот за работните односи со колективниот договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на рботниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Според член 86 од овој Закон колективен договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби се применуваат соодветните одредби од Законот.

Колективниот договор се склучува на ниво на Републиката, гранка, односно работодавец.

Од изнесените законски одредби произлегува дека со колективните договори се доуредуваат правата, обврсксите и одговорностите на работниците и работодавецот, и тоа во согласност со закон и со други прописи и е предвидена забрана со колективниот договор да се предвидуваат помали права или понеповолни услови за работа, од правата и условите утврдени со закон.

Во член 11 став 1 од Законот за работните односи е предвидено дека избор од пријавените кандидати врши работодавецот или органот што тој ќе го определи, најдоцна во рок од 15 дена од денот на завршувањето на јавниот оглас, а слична одредба содржи и Законот за основното образование во член 71 во кој е овластен директорот да врши избор на учителите, наставниците и стручните работници.

Со тоа што во колективниот договор е предвидена обврска предимство под еднакви услови да имаат лицата со подолг стаж во училишта на село Судот оцени дека не се ограничува правото на директорот да изврши избор од пријавените кандидати, кој не е сосема слободен во изборот туку мроа да ги почитува не само работата на село како предимство туку и општите и посебните услови предвидени со Законот.

Имајќи го предвид изнесеното, во поглед на наводите во иницијативата Судот оцени дека не може да се псотави рпашањето за согласноста на оспорената одредба од Колективниот договор со означените законски одредби.

Судот по сопствена иницијатива утврди дека во Законот за основното образование е предвидено да се даде предимство под еднакви услови на лица што работат во селски населби, што значи во моментот на распишување на огласот тие работат во селски населби, независно дали живеат во град или во село, а според Колективниот договор, предимство им се дава на лицата кои во моментот на распишување на огласот живеат во град, но имаат најдолг стаж во училиште на село. Тоа значи во Колективниот договор ова предимствено рпаво го имаат само лицата што живеат во град, а не и лицата што живеат во село иако имаат најдолг стаж во училиште на село.

Поради тоа, пред Судот се постави прашањето дали со оспорената одредба од Колективниот договор не се предвидуваат помали права за одрдена категорија на учители, наставници и стручни работници од правата предвидени во член 70 од законот за основното образование, што не е допуштено во смисла на член 86 од Законот за работните односи.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласност ана законите со Уставот.

Според тоа Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите.

Поради тоа, судот оцени дека не е надлежен за оценување меѓусебната согласност на Законот за основното образование со Законот за работните односи.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.129/96)