Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Задолжителната инструкција, донесена од директорот на Царинската управа, на 1 март 1996 година.
2. СЕ ОТФРЛА брањето за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за единствениот царински документ во царинската постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.76/93).
3. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената инструкција, заради спречување на настанување на тешко отстранливи последици.
4. На Уставниот суд на Република Македонија, Стопанската комора на Македонија и адвокатот Драган Поповски од Скопје, му поднесоа иницијатива за оценување уставнсота и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Задолжителната иструкција се оспорува затоа што била донесена од ненадлежен орган, што предвидувала да се применува ретроактивно и што не била објавена во “Службен весник на Република Македонија”.
Правилникот за единствениот царински документ се оспорува затоа што со него се задолжувал шпедиторот на име обезбедување пред отпремната царинарница при влез на стоките да остави гаранција од банка и да стави свој печат како главен обврзник што било несогласно со Законот за царини.
4. Судот на седницата утврди дека задолжителната инструкција е донесена од директорот на Царинската управа и дека со неа се уредува постапката за евидентирање на стоките во слободните царински продавници.
Исто така, Судот утврди дека според точката 6 од Инструкцијата, за продадените стоки во слободната царинска продавница од 4 јануари 1996 година па до приемот на инструкцијата, држателите на слободните царински продавници се должни во рок од пет дена од денот на приемот, да направат збирна спецификација за тој период со податоци за вредноста на продадените стоки во валута и денари и да ја поднесат на царинската испостава на заверка заедно со уплатници за уплатени 1% царинска евиденција на евидентната сметка на царинарницата, пресметани во денарска противвредност на продадените стоки.
Според член 8 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на дршавната власт на законодавна, извршна и судска.
Носител на законодавната власт, според член 61 од Уставот е собранието на Република Македонија, кое, според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, донесува закони и дава автентично толкување на законите. Носител на извршната власт, според член 88 од Уставот е Владата на Република Македонија, која согласно член 91 од Уставот, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Од наведените уставни одредби, произлегува дека организацијата и работата на органите на државната управа, а во тие рамки и нивните надлежности, се утврдуваат со закон.
Според член 2 став 1 од Законот за органите на управата функциите на управата во рамките на правата и должностите на Републиката ги вршат министерствата и другите органи на управата, а според член 4 од овој закон, тие, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и закон. Според член 19 став 2 од Законот, јпокрај другите работи за кои се овластени, органите на управата донесуваат прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти, кога за тоа се овластени со закон, друг пропис и општ акт. Таквите овластувања за функционерите кои раководат со органите на управата да донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите, се утврдени и во член 160 од Законот, но само ако за тоа се овластени со тие закони. Со член 161 од Законот се определува содржината на правните акати на органите на управата, при што со ставот 3 од овој јчлен, се уредува дека со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти, а со член 164 од Законот се потенцира дека со прописите на функционерот кој раководи со органот на управата не можат за граѓаните, претпријатијата, установите и за другите организации и заедници да се установуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на органите.
Од наведените законски одредби произлегува дека органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ги содржи основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.
Тргнувајќи од напред наведеното, според мислењето на Судот, оспроената инструкција е донесена без посебен законски основ и е надвор од овластувањата што ги имал директорот на Царинската управа, поради што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот за органите на управата.
Согласно член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи пред да влезат во сила се објавуват во “Службен весник на Република Македонија” и не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со оглед на тоа што со точката 6 од Инструкцијата, независно што е донесена на 1 март 1996 година, се предвидува таа да се применува сметано од 4 јануари 1996 година, односно пред нејзиното објавувае во “Службен весник на Република Македонија” и пред нејзиното влегување во сила, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
6. Судот на седницата, исто така, утврди дека со решение У.бр.113/95 и 114/95 од 27 септември 1995 година и У.бр.351/95 и 352/95 од 13 декември 1995 година ги отфрли иницијативите за оценување уставноста на Правилникот за единствениот царински документ во царинската постапка.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Правилникот за единствениот царински документ во царинската постапка веќе бил предмет на оценка пред Судот, кој ги отфрлил иницијативите од причини што оценил дека не претставува правен акт во смисла на член 110 од Уставот, а нема основи за поинакво одлучување, оцени дека и во овој случај треба да се примени наведената одредба од Деловникот, па одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Што се однесува до барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената инструкција, Судот оцени дека согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, не се исполнети условите за изрекување на ваква мерка.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.21/96)