Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јуни 1996 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ член 116 и член 135 од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Велимир Јовановски од с.Мирковци Скопје поведе постапка за оценување уставност ана одредбите од законот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека според член 116 став 1 од Законот, доколку обврзникот не сака сам да ги отвори просториите заради вршење попис и процена, службеното лице на органот за јавни приходи е овластено да ги отвори затворените простории, а согласно ставот 2 на член 116 од Законот, ако се претпоставува дека подвижни предмети што се пгодни за попис се скриени кај даночниот обврзник или кај друго лице, службеното лице ќе ги повика да ги предадат, а ако не постапи според повикот ќе им се изврши личен претрес во присуство на двајца сведоци. За преземените дејствија од претходните ставови на присутните лица согласно став 3 на овој член од Законот задолжително се наведуваат во записникот за попис.
Според член 26 од Уставот на Република Македонија се гарантира неповредливоста на домот. Правото на неповредливоста на домот може да биде огрнаичено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.
Во член 116 од Законот се предвидува влегување во простории на даночниот обврзник во кои се претпоставува дека има подвижни предмети погодни за пропис против волјата на даночниот обврзник. бидејќи законот не дефинира изречно за каков вид простории станува збор во поимот простории влегува во домот на обврзникот. со тоа всушност се предвидува противправно влегување во домот од страна на службено лице заради попишување на предмети погодни за присилна наплата на данок. Уставната гаранција за неповредливоста на домот предвидува само еден исклучок откривање или спречување на кривично дело или заштита на здравјето на луѓето, а сето тоа под услов за влегување во домот на граѓаните да постои судска одлука.
Со оглед на тоа што оспорената законска одредба овозможува службеното лице да ги отвора затворените просории заради попис на предмети против волјата на нивните корисници што не влегува во случаите определени со Уставот како исклучок од гаранцијата за неповредливоста на домот, ниту, пак, за тоа е предвидено како услов претходно судска одлука, Судот оцени дека член 116 не е во согласност со член 26 од Уставот на Република Македонија.
5. Понатаму судот утврди дека според член 135 од Законот, за наплата на аконтациите на даноците од земјоделска дејност, од стопанска и професионална дејност, од авторски права и правата од индустриска сопственост, од капитал, од имот и имотни права и од капитални добивки, гарантираат со својот имот даночниот обврзник и полнолетните членови на семејството кои во моментот на настапувањето на обврската живеат во заедничко семејство.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. според став 2 на овој член од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата, а според став 3 на овој член од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според членвоите 2 и 3 од Законот за семејството “Службен весник на Република Македонија” бр.80/92 семејството е животна заедница на родители и деца и други роднини ако живеат во заедничко домаќинство. Односите во семејството се засновуваат врз рамноправност, взаемно почитување, меѓусебно помагање и издржување и заштита на интересите на малолетните деца. Во Законот во посебна глава се разработени имотните односи на брачните другари и имотот на малолетните лица, а не и за имотот на другите полнолетни лица.
Тргнувајќи од наведената одредба од Уставот, а имајќи предвид дека со оспорената одредба од законот се утврдува дека присилната наплата на данокот кај даночните обврзници ќе се наплатува и од полнолетните членови на семејството кои во моментот на настанување на обврската живеат во заедничко семејство, според мислењето на Судот ова решение излегува надвор од рамките на Уставот, затоа што тоа би значело огрнаичување или одземање на сопственоста на други лица, само поради фактот на нивното живеење во исто семејно домаќинство, поради тоа судот смета дека член 135 од Законот не е во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.27/96)