96/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 43 став 4 од Законот за сметководството (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93, 48/93 и 6/95).

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Илија Георгиевски од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 43 став 4 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било предвидено сопственикот на претпријатие да не може со своја одлука да отпише односно изврши исправка на вредноста на ненаплатено побарување без да добие ненаплативо судско извршно решение, со што бил повреден член 30 од Уставот на Република Македонија. Исто така, се наведува дека, сопственикот на претпријатието и покрај тоа што, неможел да го отпише сопственото ненаплатено побараување бил задолжен да ги плаќа сите даноци и што добиеното неплативно судско извршно решение требало да се примени и исправката на вредноста требала да се изврши со денот на тужењето значело примената на член 43 став 4 со повратно дејство, што не било во согласност со Уставот.

Воедно подносителот на иницијативата побара до конечното одлучување Судот да изрече времена мерка.

4. На седницата Судот утврди дека во член 43 став 1 од Законот за сметководството е предвидено побарувањата и финансиските вложувања да се проценуваат во висина на номиналната вредност произлезена од соодветна деловна или финансиска трансакција. Со исправката (намалувањето) на вредноста на побарувањето и финансиските вложувања, односно нивниот отпис се товарат вонредните расходи, а недоговореното зголемување на вредноста се одобрува на вонредните приходи ако со друг закон не е поинаку определено.

Според оспорениот став 4 на член 43 побарувањата и финансиските вложувања што неможат да се наплатат од земјите кај кои наплатата е оневозможена или отежната и поради елементарни непогоди пристигнатите ненаплативи побарувања од субјектите во ликвидација и по основ на судско извршно решение, се отпишуваат по пат на исправка на вредноста.

5. Согласно член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 2 на овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот. Според член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Според Законот за сметководството нематеријалните и материјалните вложувања се отпишуваат редовно во текот на деловната година врз товар на вкупниот приход како амортизација со примена на основица на годишни амортизациони стапки кои произлегуват од проценетото траење и користење на средствата и очекуваните приходи од тоа користење во согласност со избраната сметководствена политика на субјектот.

Во определени случаи утврдени со закон, како и кога субјектот ќе определи дека материјалните и нематеријалните вложувања неможе да ги користи, тие се отпишуваат како вонредни расходи. Во конкретниов случај со оспорената одредба се предвидува да се изврши отпис на финансиските вложувања по пат на исправка на вредноста кога ќе настапат објективни околности, а тоа се случаите на оневозможена и отежната наплата, елементарни непогоди, пристигнати ненаплатени побарувања на субјектите во ликвидација како и по основ на судско извршно решение.

Тоа значи дека побарувањето за кое е оневозможена наплатата мора да се искаже како вонреден расход. Притоа, тоа не го доведува во прашање правото на субјектот на сопственоста по основ на побарувањата и финансиските вложувања бидејќи тој врз основа на соодветната ссметководствена документација го задржува правото да изврши наплата кога ќе се создадат услови за тоа. Исто така, со отписот на побарувањата по пат на исправка на вредноста даночната основа се сведува на објективни рамки и по тој основ субјектот не плаќа данок од добивка односно се исклучува можноста за двојно оданочување.

Со оглед на тоа што со оспорениот член 43 став 4 од Законот се предвидуваат случаите кога сопственикот може да изврши отпис на своите побарувања и финансиски вложувања по пат на исправка на вредноста и тоа по сопствена оценка, по основ на акти и други органи како и врз основа на судско извршно решение, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за неговата согласност со означените уставни одредби.

Исто така, финансиската операција – отпишување на финансии побарувања по пат на исправка на вредноста утврдени во член 43 став 1 и 4 претставува факт што од аспект на временското важење на законите се случува по влегувањето во сила на законот. Понатаму, оваа финансиска операција следи како резултат на настанување на едно поединечно финансиско побарување кое како факт се случило по влегувањето во сила на Законот. Околноста што намалувањето на вредноста временски следи по настанувањето на побарувањето нема никакво правно значење од аспект на повратното дејство, бидејќи двата такви факта настануваат и се завршуваат во иднина гледано од аспект на влегувањето во сила на Законот. Според тоа Судот оцени дека и од овој аспект неможе да се постави прашањето за согласноста на член 43 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со барањето Судот да изрече времена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите утврдени во член 28 од Деловникот на Уставниот суд.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.96/96)