28/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставност ана Одлуката за цени на одделни комунални услуги бр.02-347/2 од 2 април 1994 година на Јавното претпријатие во општествена сопственост за комунално, производна и услужна работа “Илинден” во Пробиштип.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Иван Ефремов и група граѓани од Пробиштип му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите со оспорената одлука биле утврдени цени за одредени комунални услуги и тоа за изнесување на смет, комунален придонес и одржување на градски гробишта и било извршено групирање на услугите во четири групи – домаќинства и претпријатија и други правни субјекти, и според тоа, биле определени различни цени на услугите помеѓу претпријатијата, училиштата и детсксите установи и малото стопанство. При тоа за малото стопанство за овој вид на услуги биле определени највисоки цени. Исто така, со оспорената одлука биле определени различни цени на услугите во зависност од големината на површината на корисниците од малото стопанство и при тоа била утврдена паушална цена за дуќаните што имале до 20 м2 површина, без оглед на нивната стварна површина. Од изнесените причини Одлуката не била во согласност со уставното начело за еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот утврдено во член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека Јавното претпријатие “Илинден” во Пробиштип на 13 јануари 1995 година донело Одлука бр.02-15/3 со која утврдило нови цени за одделни комунални услуги и тоа за вода, канализација, градско зеленило, изнесување на смет комунален придонес и одржување на градски гробишта. Со оглед на тоа дека со оваа одлука се утврдени цените и за изнесување на смет, комунален придонес и одржување на градски гробишта оспорената одлука престанала да важи. Исто така, Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.160/95 од 1 ноември 1995 година повел постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр.02-15/3 од 13 јануари 1995 година на Јавното претпријатие “Илинден” во Пробиштип, во делот што се однесува на обврската на граѓаните и правните субјекти за плаќање надомест за градско зеленило, комунален придонес и одржување на градски гробишта, а не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на оваа одлука во делот што се однесува на цената за изнесување на смет. При тоа, Судот изрази став дека цената што ја плаќаат граѓаните и другите субјекти за изнесување на смет не претставува јавна давачка, туку цена за услуга што ја пружа јавното претпријатие.

4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорената одлука престанала да важи не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативите. Исто така, со оглед на тоа што Судот по предметот У.бр.160/95 за оценување на Одлуката за цените за одредени комунални услуги на Јавното претпријатие “Илинден” во Пробиштип од 13 јануари 1995 година, одлучувал и по суштина на делот што се однесува на цената и за изнесување на смет, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.28/96)