63/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 мај 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1.СЕ ПОНИШТУВА точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1994 година, донесено од директорот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на
Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.63/96 од 13 март 1996 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Решението означено во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за неговата уставноста и законитост.

4. Во одговорот на Решението за поведување постапка, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија наведе дека пресметувањето на пензиите остварени после 1 јули 1995 година со примена на коефициентот 0.8027% било извршено со цел да се обезбеди еднаква положба на корисниците на пензии во однос на висината на пензијата помеѓу пензиите остварени во 1994 и 1995 година и поради влијанието на Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93).

5. На седницата Судот утврди дека со точката 1 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1994 година, платите остварени од 1970 година до 1994 година кои се земаат за утврдување на пензиската основа се пресметуваат според просекот на платите од 1994 година, како последна календарска година која и претходи на годината во која осигуреникот го остварува правото на пензија, со валоризационите коефициенти кои се пресметуваат врз основа на статистичките податоци за движењето на платите на сите вработени на триторијата на Републиката. Понатаму, следат валоризационите коефициенти за секоја година, почнувајќи од 1970 до 1994 година. Според оспорената одредба на Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1994 година, пензиите пресметани со коефициентите од точка 1 од ова решение, согласно член 37 став 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95), се сведуваат од просечно на месечно ниво со коефициент од 0,8027, во кои е земено предвид и влијанието на усогласувањето на пензиите предизвикани со друг закон во 1994 година.

Со истиот коефициент на месечно ниво се сведуваат и паричните надоместоци од инвалидското осигурување врз основа на преостанатата способност.

6. Со членот 34 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според член 35 став 1, Републиката се грижи за социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност.

Правото на пензиското осигурување е уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Според член 19 од Законот старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година (пензиска основа).

Со ставот 2 на овој член е предвидено дека како година на осигурување од која се зема платата за утврдување на пензиската основа се зема календарската година во која осигуреникот остварил плата, односно надоместок на плата за најмалку шест месеци стаж на осигурување.

Според член 32 од Законот платите од поранешните години кои се земаат за утврдување на пензиската основа се валоризираат со коефициентите пресметани врз основа на движењето на платите на сите вработени на територијата на Република Македонија, а според ставот 2 на овој член, валоризацијата на платите од поранешните години според кои се утврдува пензијата, се врши според просекот на платите во последната календарска година која и претходи на годината во која осигуреникот го остварува правото на пензија.

Со ставот 3 од овој член е предвидено дека коефициентите за валоризација на платите од поранешните години се утврдуваат секоја година единствено за сите плати врз основа на статистичките податоци за движењето на платите на сите вработени на територијата на Република Македонија, а според ставот 4 од овој член, коефициентите за валоризација ги утврдува Фондот со општ акт.

Според член 33 од Законот пензијата се утврдува од пензиската основа во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж.

Со член 37 од Законот е предвидено дека усогласувањето на старосната пензија се врши од 1 јануари и од 1 јули во тековната година според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката и тоа:

– од 1 јануари според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, остварена за декември претходната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во јуни истата година;

– од 1 јули според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, остварена за јуни тековната година во однос на просечната плата во нестопанството остварена во декември претходната година.

Усогласувањето од став 1 на овој член се врши почнувајќи од исплатата на пензиите за јануари, односно јули тековната година.

Според ставот 3 на овој член усогласувањето на старосната пензија се врши и во роковите пократки од времето предвидено во став 1 на овој член доколку растот, односно падот на платите биде поголем од 5% за еден или повеќе месеци во однос на месецот за кој е извршено последното усогласување, а со ставот 4 од овој член е предвидено дека усогласената пензија од став 3 на овој член припаѓа од првиот ден по месецот за кој е утврден порастот на платите.

Според ставот 4 односно 5 (со менувањето на член 37 ставот 4 станува став 5) на овој член, заради примена на став 1 од овој член пензијата остварена во тековната година претходно се усогласува според порастот на платите во јануари таа година во однос на целата претходна година, земајќи го предвид и влијанието на усогласувањето на пензиите предизвикани со друг закон.

Од наведените законски одредби произлегува дека висината на пензијата зависи од вложувањата и должината на пензискиот стаж. Тоа е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните. Усогласувањето на пензиите, пак, е право на корисниците на пензија и има за цел да го следи порастот на платите остварени во нестопанството во Републиката. Исто така, од одредбите на член 37 од Законот произлегува дека усогласувањето на пензиите претпоставува остварена пензија и дека усогласувањето се врши по протекот на утврдените рокови – 1 јануари 1 јули, а само по исклучок и пред истекот на овие рокови, доколку падот односно растот на платите беше поголем за 5% за еден или повеќе месеци во однос на месеците во кој е извршено усогласувањето.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1994 година, усогласувањето на пензиите се врши пред нивното остварување и надвор од роковите утврдени со Законот и доведува до нивно намалување, Судот смета дека оваа одредба не е во согласност со член 34 и 35 од Уставот, со член 33 и 37 став 1,2,3 и 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Исто така, Судот смета дека не може да се прифати и мислењето дека негативното усогласување на пензиите произлегува од влијанието на Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија од причини што одредбите од овој закон со кои се вршеше ограничување на пензиите со Одлука на Уставниот суд У.бр.15/94 од 7 декември 1994 година се отстранети од правниот поредок.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.63/96).