73/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за избор на Владата на Република Македонија, донесена од Собранието на Република Македонија на 23 февруари 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Васко Костески, Ѓорѓи Христовски, Тоде Ристевски, Злате Ристевски и Тома Андреевски, сите од Битола му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што постапката што и претходела на нејзиното донесување не била предвидена во Уставот на Република Македонија, при што погрешно бил применет член 94 став 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука поименично се наведени сите избрани членови на Владата на Република Македонија и министерствата со кои тие ќе раководат. Други одредби со кои би се уредувале одредени прашања во врска со изборот и функциите на Владата, Одлуката не содржи.

4. Според член 68 алинеја 13 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Републиката избира Влада на Република Македонија.

Според член 90 од Уставот Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Влада да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата на предлог на мандаторот и врз основа на програмата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со изнесените уставни одредби е утврдена постапката за избор на нова Влада по одржани избори, односно по конституирање на парламентарното собрание. Притоа, во ваков случај првенствено се определува мандатор од мнозинствената партија, односно партии, кој треба да го предложи составот на Владата и да поднесе програма. Според тоа со Уставот јасно е определена постапката за избор на нова Влада во случај на нови парламентарни избори. Исто така, ваквата процедура треба да се спроведе и при изборот на нова Влада во случаите кога на постоечката и е изгласана недоверба, кога постоечката Влада поднела оставка и кога на Владата и престанува мандатот во случај на распуштање на Собранието.

Меѓутоа, со Уставот се предвидени и одредени промени на Владата. Така, според член 94 од Уставот член на Владата има право да поднесе оставка. Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата. Доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеже од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада.

Со овие уставни одредби е предвидена можност легитимниот претседател на Владата да врши промени на Владата и тоа помали или поголеми, кога се разрешуваат повеќе од една третина од членовите.

Доколку, претседателот на Владата предложи разрешување на еден или двајца членови на Владата, во тој случај Собранието на првата наредна седница одлучува за нивното разрешување и врши именување на толку членови колку што се разрешени. Доколку, пак, претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина, во тој случај со Уставот е определена обврска Собранието да одлучува како за избор на нова Влада.

5. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука за избор на Влада на Република Македонија, може да се констатира дека таа не содржи никакви општи правни норми, туку го содржи поименично составот на Владата, избран од Собранието на Републиката. Според тоа, Судот оцени дека оспорената одлука не претставува пропис, туку таа претставува акт за конкретен избор на Влада на Република Маедонија, кој избор е овластено да го врши Собранието на Републиката.

Поради тоа, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената одлука.

Со оглед на тоа што Уставниот суд оцени дека Одлуката за избор на Владата не е пропис подобен за уставно-судска оценка, не се впушти во оценка дали постапката за избор на Владата е спроведена во согласност со Уставот на Република Макдонија и дали правилно се применети одредбите од член 94 став 3 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.73/96).