91/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 27 од Законот за вработување (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/87, 18/89, 36/89, 17/91, 31/91, 12/93 и 78/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здружението на работниците – технолошки вишок од Кичево, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 27 од Законот означен во точката 1 од ова Решение.

Членот 27 од Законот не бил во согласност со член 9 од Уставот,бидејќи со него граѓаните биле поделени во две глобални категории во зависност од должината на стажот на осигурување и тоа до 25 години и повеќе од 25 години стаж на осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 27 од Законот, паричен надоместок на невработеното лице се исплатува: три месеци ако има стаж на осигурување најмалку девет месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци; пет месеци ако има стаж на осигурување 15 месеци во непрекинато траење или 24 месеци со прекин во последните три години; седум месеци ако има сдтаж на осигурување 30 месеци во непрекинатото траење или 50 месеци со прекин во последните пет години; девет месеци ако има пет-седум години стаж на осигурување; дванаесет месеци ако има седум-десет години стаж на осигурување; четиринаесет месеци ако има 10-13 години стаж на осигурување; шеснаесет месеци ако има 13-16 години стаж на осигурување; седумнаесет месеци ако има 16-19 години стаж на осигурување; дваесет и еден месец ако има 19-22 години стаж на осигурување и дваесет и четири месеци ако има 22-25 години стаж на осигурување. На невработеното лице кое има повеќе од 25 години стаж на осигурување, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок.

4. Судот, исто така утврди дека со решение У.бр.54/96 од 28 февруари 1996 година, не поведе постапка за оценување уставноста на членот 27 од Законот за вработување. При тоа, Судот оцени дека вработените имаат право на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и дека ова нивно право како и другите права од работен однос се уредува со закон и со колективни договори. Според тоа, право е на законодавецот, уредувајќи го ова право да утврди и услови под кои ќе се исплатува паричниот надоместок. При тоа, законодавецот со оспорениот член 27 од Законот, никому не му го ускратил правото на паричен надоместок туку го определил времето за кое се исплатува овој надоместок во зависност од должината на стажот на осигурувањето. Со оглед на тоа што времетраењето на исплатата на паричниот надоместок е врзат со должината на стажот на осигурување и дека важи за сите корисници на ова право, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 27 од Законот со членот 32 став 1 од Уставот.

5. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори.

Од наведеното произлегува дека законодавецот со оспорениот член 27 од Законот, никому не му го ускратува правото на паричен надоместок за време на привремена невработеност, туку определувајќи го времето за кое се исплатува овој надоместок, како единствен критериум ја имал должината на стажот на осигурувањето. Имајќи предвид дека овој критериум важи за сите корисници на ова право, Судот смета дека не се поставува прашањето за нееднаквост на граѓаните по било кој основ.

Со оглед на тоа што Судот ја ценел уставноста на членот 27 од Законот во однос на неговата согласност со член 32 став 1 од Уставот и не повел постапка, а нема основи за поинакво одлучување ниту во однос на неговата согласност со членот 9 од Уставот, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.91/96).