80/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 11 од Одлуката за критериумите, мерилата, начинот и постапката за остварување на правото на надоместок до висина на социјално заштитното ниво (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Илинка Неделковска од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 11 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба братот и сестрата се третирале како членови на домаќинството, само заради тоа што во конкретниот случај сестрата била принудена да живее во семејството на братот. Според подносителот на иницијативата, таквата определба што произлегувала од оваа одредба не била во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 1 од Одлуката, надлежниот орган од став 1 на член 10 од Одлуката (надлежниот центар за социјална работа односно надлежното биро за вработување) може да изврши непосреден увид заради утврдување на фактичката состојба и доколку утврди дека барателот односно корисникот не се наоѓа во положба од социјална потреба, иако ги исполнува условите од член 6 и 9 од оваа одлука, не му се признава правото на надоместок до висина на социјално заштитното ниво, односно истото му се укинува.

Со ставот 2 на овој член од Одлуката се утврдува дека доколку надлежниот орган утврди дека подносителот на барањето лажно ја прикажал имотната, материјалната и семејната положба на домаќинството, го губи правото на надоместок до висина на социјално заштитното ниво и истото не може да го оствари тој ниту член на неговото домаќинство во наредните 6 месеци, односно до крајот на годината. Според ставот 3 од овој член, надлежниот орган за случаите од став 2 на овој член, поведува постапка за повраќај на исплатениот надоместок до висината на социјално заштитното ниво.

4. Тргнувајќи од причините за оспорување наведени во иницијативата, како и од содржината на оспорената одредба, очигледно подносителот на иницијативата дава поинаква смисла и интерпретација на оспорената одредба. Имено, во одредбата на член 11 од Одлуката никаде не се определува поимот, опфатот и содржината на домаќинството, туку се определени контролните механизми за остварување на правото на надоместок до висината на социјално заштитното ниво. Според тоа, судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за водење на постапка, заради што, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.80/96)