Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 април 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на актот за наплата на услугата за лицитација при продажба на деловни простории, донесен од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Тодор Ристов од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил објавен а се применувал од што произлегувало дека влегол во сила пред да се објави, поради што не бил во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека посочениот акт не постои бидејќи Јавното претпријатие не донело таков акт.
4. Со оглед на тоа што посочениот акт не постои, Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.62/96)