Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 март 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 12 точки 5 и 11, член 33 став 1 алинеја 7 и член 36 став 1 точка 23 од Статутот на Комората на сметководствено-финансиските работници на Република Македонија.
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 4 од актот означен во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Владимир Вешоски од Струга, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означени во точките 1 и 2 од ова решение, бидејќи издавањето и одземањето на цертификатите за сметководство и финансии било предмет на законско уредување, така што Владата била таа што требала да донесува прописи за извршување на законите, а не стручна организација како здружение на граѓани. Поради тоа оспорените членови од Статутот на Комората не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 91 став 1 алинеја 1 од Уставот, како и со Законот за сметководството.
4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 4 од Статутот , со цел за остварување на улогата на сметководствената и финансиската функција, утврдување на правилата на однесување, основите на јавната и стручна одговорност на сметководителите и финансисти при обавувањето на нивните работи како и заради заштита на угледот на струката, востановен е Кодекс на професионалната етика. Кодексот на професионалната етика е документ од основно значење за сметководителите и финансистите.
Според член член 12 став 1 алинеи 5 и 11 од Статутот, основни цели и задачи на Комората се: 5) Редукција на сметководителите и финансиерите во Републиката; 11) Издавање и одземање на цертификати за сметководство и финансии.
Според член 33 став 1 алинеја 7 од Статутот, Републичката конференција: ги бира членовите на Комисијата за издавање цертификати;
Согласно член 36 став 1 точка 23 од Статутот, Претседателството во рамките на својата надлежност и овластувањата, врши организациони и контролни активности за стекнување и одземање на цертификати за овластени сметководители.
5. Судот, исто така утврди дека со Одлука У.бр.247/95, У.бр.248/95, У.бр.271/95 и У.бр.304/95 од 27 декември 1995 година, го укинал членот 12 ставовите 3, 4 и 5 од Законот за сметководството и го поништил Правилникот за условите и критериумите за стекнување професионално звање од областа на сметководството – овластен сметководител, донесен од Конференцијата на Комората за сметководствено-финансиските работници на Република Македонија.
6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со член 91 алинеја 1 од Уставот се уредува дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 5 од овој член таа донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Имајќи го предвид фактот што Уставниот суд го укинал членот 12 ставовите 3, 4 и 5 од Законот за сметководството и го поништил Правилникот на Комората на сметководствено-финансиските работници на Република Македонија, а оспорените членови од Статутот го уредуваат прашањето на издавањето и одземањето на сертификатите за сметководство и финансии кое беше претходно оценувано од Судот, Судот оцени дека нема основа оспорените одредби од Статутот и понатаму да опстојуваат.
7. Што се однесува до оспорениот член 4 од Статутот со кој се востановува Кодекс на професионална етика на сметководителите и финансистите, Судот оцени дека е право на граѓаните здружени во Комората да востановуваат правила на однесување заради заштита на угледот на професијата поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
9. Ова решение Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими , д-р Јосиф Талевски и д-р тодор Џунов. (У.бр.39/96).