Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 март 1996 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 38 став 2 од Законот за данокот на промет на производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92, 62/92, 63/92, 3/93, 4/93, 80/93 и 12/95).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Сашо Врбовски и Слава Гичевски од Битола, со решение У.бр.328/95 од 10 и 17 јануари 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 38 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со одредбата на член 30 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека со член 38 став 1 од Законот се пропишува дека од даночниот обврзник што пристигнатиот данок на промет на производи односно на услуги не го платил во пропишаниот рок, наплатата ќе се изврши присилно според одредбите на Законот за персоналниот данок од доход, доколку со овој закон не е поинаку уредено. Според оспорената одредба на ставот 2 од овој член, присилната наплата на данокот на промет на производи и услуги кај даночните обврзници – правни лица ќе се изврши од целокупниот имот на сопственикот на правното лице во согласност со закон.
5. Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 на овој член од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Присилната наплата на данокот кога даночниот обврзник не го плаќа данокот во пропишаниот рок, се врши според одредбите на членовите 104 до 123 од законот за персоналниот данок од доход. Така во член 111 од овој закон, присилната наплата на данокот се извршува од целокупниот имот, приходите и побарувањата на даночниот должник, освен во таксативно наведените случаи, кога и кој имот не може да биде предмет на присилната наплата.
Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека со оспорената одредба на член 38 став 2 од Законот за данокот на промет на прозводи и услуги се утврдува дека присилната наплата на данокот кај даночните обврзници – правни лица ќе се изврши од целокупниот имот на сопственикот на правното лице, според мислењето на Судот, таквата обврска може да се однесува на персоналните друштва со конкретно определен сопствени, а не и на сите правни лица, кои за своите обврски одговараат со имотот на правното лице, но не и со имотот на физичките лица кога тие се јавуваат како членови односно акционери или содружници во правното лице. Со оглед на тоа, Судот оцени дека таа одредба од Законот не е во согласност со одредбата на член 30 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.328/95)