1/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот за усвојување на информацијата за обезбедување средства за солидарен погреб бр.08-461/2, донесен од Собранието на Општина Прилеп на 31 мај 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Борис Јовановски од Прилеп му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на “Одлука” со која се воведувал надоместок за солидарен погреб преку потпишување на изјави од страна на граѓаните, а средствата се собирале преку ЈП “Комуналец” со сметките за водоснабдување, со што се создавала монополска положба на јавното претпријатие “Комуналец” во Прилеп, што не било во согласност со Уставот и со закон.

3. На седницата Судот утврди дека “Одлука” за воведување надоместок за солидарен погреб не е донесена, туку дека е донесен Заклучок со кој се усвојува информацијата за обезбедување средства за солидарен погреб бр.08-461/2 од Собранието на Општина Прилеп на 31 мај 1995 година. Со информацијата пак, која е изготвена од ЈП “Комуналец” Прилеп се предвидени услугите што треба да се извршат за еден погреб и цената на поединечната услуга како за граѓаните од православна вероисповест, така и за граѓаните од муслиманска вероисповест. Собирањето на средствата според информацијата, ќе се врши со сметките за вода во износ од 50 денари за секој корисник, а секој граѓанин кој сака да ја користи услугата треба да потпише изјава дека е согласен да учествува во придонесот за солидарен погреб.

4. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека оспорениот Заклучок нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека не е надлежен да одлучува по него и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.1/96)