41/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 19 став 1 и член 33 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стојко Николовски од Куманово, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата пресметувањето на пензиската основа од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, како и старосната пензија да не може да изнесува повеќе од 80% од пензиската основица, биле спротивни на принципот на еднаквост, утврден со Уставот на Република Македонија, со тоа што новите пензионери ги доведувало во нерамноправна и понеповолна положба во однос на тие што оствариле право на пензија по поранешните прописи за пензиското и инвалидското осигурување.

3. На седницата Судот утврди дека со Решение У.бр.205/94 од 18 јануари 1995 година Судот не повел постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од Законот за пензиско и инвалидското осигурување затоа што оценил дека не се во несогласност со член 9, 34 и 35 од Уставот. На седдницата Судот, исто така, утврди дека со решение У.бр.236/95 и 238/95 од 5 јули 1995 година ги отфрлил иницијативите за оценување уставноста на оспорените одредби од Законот, затоа што за истата работа веќе одлучувал, а по повод на поднесените иницијативи немало основи за поинакво одлучување.

4. Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал, а имајќи ја предвид истоветната фактичка и правна положба по предметот, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.41/96).