340/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план на град Кавадарци (Д.Л.10) – препарцелизација на урбанистички парцели, донесена од Собранието на Општина Кавадарци на 14 април 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Добринка Паламидова од Кавадарци, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била донесена во постапка пропишана со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, односно затоа што не била утврдена неопходноста за изменување и дополнување на Деталниот план на град Кавадарци заради негово усогласување со целите и задачите утврдени со среднорочните планови за општествено-економскиот развој или поради дејство на виша сила, што Планот, во текот на постапката за негово донесување не бил изложен во просториите на месната заедница, што во текот на изработката на Планот не била обезбедена соработка со организацијата надлежна за енергетиката, што заедно со Планот не бил изработен и донесен посебен дел на Планот за потребите и барањата на општонародната одбрана, што по предлозите изнесени на јавната расправа на подносителот на иницијативата не и било дадено образложение за неприфатените забелешки и затоа што Планот не бил изработен од стручна организација што се бави со проектирање.

3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од оспорената одлука е предвидено дека се усвојува дополнувањето на дел од деталниот урбанистички план на град Кавадарци (Д.Л.10) со што се врши препарцелизација на три урбанистички парцели што се наоѓаат на улица “Доно Попов”, од кои едната е сопственост на лицето Ристо Ѓорѓиев, а истовремено се определува локација за трафостаница.

Според член 4 од Одлуката, составен дел на оваа одлука е текстуалниот и графичкиот прилог на измените од член 1, записникот од јавната расправа и извештајот од јавната расправа.

Судот, исто така, утврди дека Собранието на Општина Кавадарци на ден 5 октомври 1994 година донело одлука за ставање на јавен увид и организирање јавна расправа за изменување и дополнување на делови од Деталниот урбанистички план на град Кавадарци, меѓу кои и за нацртот на Планот од оспорената одлука. Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина за Кавадарци издало соопштение под број 08-590 со кое населението на Општина Кавадарци било запознато за јавниот увид и јавната расправа. Примерок од соопштението било доставено до локалната радиостаница, изложено на огласна табла во просториите на Собранието и доставено до Месната заедница “Страшо Пинџур”. Јавниот увид траел од 17 октомври 1994 година до 1 ноември 1994 година, а Планот бил изложен во просториите на Собранието затоа што просториите на Месната заедница “Страшо Пинџур” биле во зградата на Собранието. Јавната расправа била одржана на 2 ноември 1994 година за која бил изготвен извештај. Во извештајот, под реден број седум е содржан приговорот на подносителката на иницијативата изнесен на јавната расправа и образложението зашто не се прифаќа приговорот.

Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина со акт бр.20-7811/б од 12 декември 1994 година дал согласност на Предлог-планот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за град Кавадарци, меѓудругото и за измените содржани во оспорената одлука.

Понатаму, Судот утврди дека изработувач на Планот била организацијата “Дизајн центар инжинеринг” во Кавадарци која покрај другите дејности е регистрирана и за проектирање.

4. Според член 19-а од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85 и 38/89), кој важеше во времето на донесување на оспорената одлука, урбанистичкиот план содржи резиме на оценетите потреби и можности на просторниот развој, намена и функционална организација на подрачјето опфатено со планот со граници на опфатот на планот, сообраќајно решение, комунална и друга инфраструктура, во која влегува и енергетиката.

Според член 31 од Законот, просторниот и урбанистичкиот план се изработуваат во две фази – нацрт на план и предлог на план. Нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа. Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до надлежниот орган во писмена форма во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.

Поаѓајќи од утврдената фактичка положба по предметот – дека Планот бил изложен во просториите на месната заедница “Страшо Пинџур” кои се наоѓале во просториите на самото Собрание, дека е спроведена јавна расправа по Планот, дека на приговорот на подносителката на иницијативата е даден одговор на расправата, дека на Планот е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот од аспект на постапката за нејзино донесување.

Од текстуалниот дел на Одлуката, произлегува дека Планот ја содржи комуналната и друга инфраструктура, во која влегува и енергетиката, описот на локацијата, техничките услови и функционалната организација на просторот, од што, според мислењето на Судот, произлегува дека Собранието ги утврдило потребите и можностите за просторниот развој, односно ја утврдило неопходноста за изменување на Планот заради усогласување со целите и задачите утврдени со развојните планови на Општината што е фактичко прашање и Судот не е надлежен да ја оценува.

Со членот 26 од Законот е предвидено дека во текот на изработката на просторниот и урбанистичкиот план се обезбедува задолжителна соработка со заинтересираните органи и организации.

Според мислењето на Судот од Законот произлегува дека при донесувањето на урбанистичкиот план односно на неговата измена и дополнување мора да се обезбеди учество на граѓаните и другите заинтересирани субјекти во донесувањето на планот што се остварува преку јавната расправа, а соработката со заинтересираните органи и организации подразбира дека органите и претпријатијата се должни на изработувачот да му достават податоци и друга документација со која располагаат заради изработка на планот, поради што оцени дека и од овој аспект не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со членот 26 од Законот.

Исто така, од текстуалниот дел на оспорената одлука не произлегува дека се врши измена на Планот за кој се донесува посебен дел на планот за потребите и барањата на одбраната и мерките за заштита на воени разурнувања како нивен составен дел, туку дека се врши само препарцелација на простор.

Според мислењата на Судот потребата од донесување на посебен дел на планот се однесува само во случаите кога тоа ќе го оцени собранието на општината, а Уставниот суд не е надлежен да ја утврдува неопходноста за негово донесување.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.340/95)