Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 став 1 алинеја 3 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 359 од Законот за општонародна одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.26/84, 12/85,50/87,7/88, 7/89, 46/89, 20/90 и 21/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Михајло Илчевски од Прилеп, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало само на работниците во органите на управата за народна одбрана пензискиот основ да им се утврдува од просекот на платите остварени во последната година пред пензионирањето, а не и на работниците во другите органи на управа иако ги работеле истоветните работи и работни задачи, што значело определување различни права за ист основ односно нееднаквост на граѓаните пред законот, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека член 359, како и другите одредби од Законот, престанале да важат на 15 февруари 1992 година согласно членовите 133 и 135 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92).
Со оглед на тоа што оспорената законска одредба престанала да важи пред поднесувањето на иницијативата односно пред Судот евентуално да поведе постапка, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.31/96)