Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Душанка Ковачевска од Струмица за заштита на слободите и правата во однос на дискриминација на жените при склучување на црковен брак.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Душанка Ковачевска му поднесе барање за заштита на слободите и правата на жените кои биле дискриминирани при склучување на црковен бранк, затоа што на свечениот чин на венчавањето во црква се создавала психичка траума за младите брачни парови – посебно за женскиот пол, бидејќи свештеното лице на тој чин проповедал дека жената била рамноправна со мажот, но таа секогаш требала да се потчинува на мажот.
Ваквите зборови на свештгеното лице биле спротивни на позитивните правни норми во Република Македонија, затоа што со нив се одземале уставните права на жената.
Понтаму, подносителката на иницијативата смета дека и со црковниот календар за 1996 година се создавала нееднаквост меѓу мажот и жената, поради тоа што се дозволувало во божјиот храм мажите да влегуваат гологлави, а жените со покриена глава, ненашминкани и пристојно облечени.
3. Според член 19 од Уставот се гарантира слободата на вероисповеста, се гарантира слободно и јавно поединечно или во заедница со други изразување на верата.
Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.
Со Уставот на Република Македонија се гарантираат граѓански слободи и права кои произлегуваат од самиот Устав и се остваруваат преку позитивните прописи донесени од надлежни државни органи.
Уставниот суд на Република Македонија, според член 110 алинеја 3 од Уставот штити одредени граѓански слободи и права гарантирани со Уставот.
Според тоа црквата и одредени принципи и норми што произлегуваат од одредени верски книги се одвоени од државата и од позитивниот правен поредок на државата. Поради тоа, Уставниот суд не е надлежен да ги оценува проповедите и верските книги во однос на Уставот, ниту, пак, е надлежен да одлучува дека со тие книги и проповеди некој од верниците се смета за дискриминиран, имајќи ја предвид уставната одредба за слобода на вероисповеста.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај не се бара заштита на слободи и права повредени со поединечен акт или дејство на државен орган кој одлучувал за одредено право, во смисла на член 51 од Деловникот на Судот, како и со оглед на тоа што не се бара заштита од дискриминација по основ на вера извршена од надлежен државен орган, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека не постојат процесниј претпоставки за постапување на Судот, односно дека Судот не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.32/96)