37/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на одлуките за здружување на капиталот (фузија) и за организирање на ново акционерско друштво во мешовита сопственост бр.02-1/24 донесена од Собранието на АД Хемиска индустрија “Велес” од Титов Велес и бр.02-3102/2, донесена од Собранието на АД Типилница за цинк и олово “Злетово” од Титов Велес, на 20 октомври 1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Владо Смилев од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со член 113 став 2 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91) со кој била предвидена забрана за статусни промени во смисла на член 187-а од Законот за претпријатијата (поделба, спојување, припојување).

3. Судот на седницата утврди дека со оспорените одлуки е предвидено дека Акционерското друштво Хемиска индустрија “Велес” од Титов Велес здружуваат капитал и организираат ново акционерско друѓтво во мешовита сопственост (член 1). понатаму во одлуките се утврдува вредноста на капиталот што се здружува, фирмата на новото акционерско друштво, дејноста и начинот на временото управување со новото акционерско друштво до изборот на нов орган на управување.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на прописите со Уставот и со законите.

Со оглед на изнесеното Судот утврди дека оспорените одлуки не претставуваат пропис во смисла на член 110 став 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што со нив не се уредуваат односи на општ начин, поради што оцени дека не е надлежен да ја оценува нивната уствност и законитост.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкат 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.37/96).