Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 јануари 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот за ратификација на Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк на 13 септември 1995 година (“Службен весник на Република Македонија – меѓународни договори” бр.48/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, ВМРО-Демократска партија за макецонско национално единство му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставност ана член 1 од Законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него се ратификувала Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, а од приложениот превод на македонски јазик се гледало дека Привремената согласност е склучена помеѓу претставник на Првата страна и претставник на Втората страна, дека Привремената согласност е потпишана во името на Втората страна од приватно лице – Стево Црвенковски и дека станува збор за Привремена согласност, а не за Привремена Спогодба. Тоа значело дека таа во име на дрѓавата Република Македонија не била склучена и не била потпишана од Претседателот на Република Македонија или од Владата на Република Македонија, како што било предвидено во член 119 од Уставот. Бидејќи не била склучена од името на суверена Република Македонија и од нејзините овластени претставници, се бара поништување на член 1 од Законот кој не бил во согласност со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот, се ратификува Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк на 13 септември 1995 година, која во оригинал на англиски јазик и во превод на македонски јазик гласи:
Во понатамошниот текст е даден текстот на Привремената Спогодба.
Од доставениот одговор на Владата на Република Македонија утврден на седницата од 25 декември 1995 година, Судот, исто така, утврди дека Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, како меѓународен договор, во име на Република Македонија е склучена од Владата на Република Македонија и ја потишал Стево Црвенковски, министер за надворешни работи на Република Македонија.
4. Според член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 68 став 1 алинеја 6 од Уставот е утврдено дека Собранието на Република Македонија ги ратификува меѓународните договори.
Според член 118 од Уставот меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Со член 119 став 1 од Уставот се определува дека меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува Претседателот на Република Македонија, а според ставот 2 од овој член на Уставот, меѓународните договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон.
Според член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.
Согласно член 3 од Законот за склучување и извршување на меѓународните договори (“Службен лист на СФРЈ” бр.55/78), кој со член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија е преземен како републички пропис, за водење на преговори и за склучување на меѓународни договори одлучува Владата на Република Македонија, а спораед член 11 од овој закон, Владата ја утврдува основата за водење на преговори и за склучување меѓународни договори и ја опраеделува делегацијата за водење на преговорите. Таа може, при утврдување на основата, да го овласти шефот на делегацијата на Република Македонија да потпише меѓународен договор што е составен во согласност со основата.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, Собранието на Република Македонија има уставно-правна основа да ја ратификува Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, како меѓународен договор и според тоа, оцени дека член 1 од Законот за ратификација на Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк на 13 септември 1995 година, е во согласност со Уставот, поради што не го постави прашањето за неговата согласност со член 119 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.341/95)