У.бр.209/1994-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 алинеја 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 27 декември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за доделување на стопанисување на комунални објекти на Јавното претпријатие за комунални работи “Услуга” – Берово, донесена од Собранието на Општина Берово на 15 декември 1994 година.

2. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.209/94 од 1 јуни 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката озна чена во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 56 став 1 од Уставот и со член 1 став 1 и став 2, со член 2 став 1, со член 4 и со член 9 став 1 од Законот за градежното земјиште (” Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91).

3. Доносителот на актот во одговорот на наводите содржани во решението за поведување постапка истакна дека оспорената одлука е донесена врз основа на Законот за работењето и управувањето на организациите на здружен труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (“Службен весник на СРМ” бр.36/77), уште пред неговото укинување од страна на Уставниот суд на Република Македонија. Со оспорената одлука се доделуваат на стопанисување комунални објекти во град Берово на комуналната организација “Услуга” во Берово и основ за поведување постапка за оценување на нејзината законитост не можел да бидеЗаконот за градежно земјиште, затоа што со неа не се доделувало градежно земјиште.

Во одговорот, исто така, се наведува дека оспорената одлука била во согласност и со член 115 од Уставот на Република Македонија, според кој, во општините граѓаните непосредно и преку претстаници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, меѓу другото, и во областа на комуналните дејности, а со оспорената одлука се остварувало ова уставно право затоа што граѓаните одлучувале за комунални објекти од интерес за граѓаните.

4. Според член 115 од Уставот во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, меѓу другото и за комуналните дејности.

Според член 2 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), општината е единица на локалната самоуправа во која граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа во областите утврдени со Уставот, со овој и со друг закон.

Со членот 17 од Законот, единиците на локална самоуправа самостојно ги вршат, меѓу другото, работите на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон, го уредуваат и организираат снабдувањето со вода за пиење и одводнувањето на отпадните и атмосферските води во согласност со закон, ги уредуваат и организираат работите сврзани со јавната чистота во согласност со закон, го уредуваат начинот на одржувањето и користењето на парковите и другите јавни површини од локално значење, ги уредуваат регулацијата, одржувањето и користењето на коритата на реките во согласност со закон, како и го уредуваат одржувањето и користењето на јавните пазаришта во согласност со закон.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека рааботите сврзани со комуналните дејности спаѓаат во надлежност на единиците на локална самоуправа.

Според мислењето на Судот Уставот и Законот за локалната самоуправа се основа Општината Берово да ги додели на стопанисување комуналните објекти на комунална организација со цел да обезбеди вршење на функцијата во областа на комуналните дејности утврдени со Законот за локалната самоуправа, поради што оцени дека оспорената одлука е во согласност со Уставот и со наведените одредби од овој закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оа решение.

6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.209/94