230/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 декември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката со која се донесува норматив за наставниот кадар за основно музичко и балетско образование бр.11-1328/7 од 6 декември 1988 година (“Службен весник на СРМ” бр.48/88) и Одлуката за дополнување на Одлуката со која се донесува норматив за наставниот кадар во основното музичко и балетско образование бр.11-561/1 од 26 април 1989 година (“Службен весник на СРМ” бр.19/89) донесени од Собранието на Републичката самоуправна интересна заедница за предучилишно и основно воспитание и образование и општествена заштита на децата.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, вработените од Основното музичко училиште “Ордан Михајлоски – Оцка” од Прилеп и од Училиштето за основно музичко образование “Панче Пешев” од Куманово, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение од причини што оспорените одлуки не биле во согласност соУставот и со закон поради тоа што биле донесени од орган кој повеќе не постоел, како и поради тоа што стручната наобразба која била предвидена во предметниот норматив, а се однесувала за Више музичко образование за клавир, гу дачки инструменти и дувачки инструменти, никогаш не можела да се стекне на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, факултет за музичка уметност – Скопје.
3. Судот на седницата најде дека Собранието на Републичката самоуправна интересна заедница за предучилишно и основно воспитание и образование и општествена заштита на децата во 1988 и 1989 година ги донело оспорените одлуки сокои се утврдува норматив за наставниот кадар за основното музичко и балетско образование, врз основа на одредбите од Законот за предучилишно и основно образование (“Службен весник на СРМ” бр.19/83, 23/89,15/90, 11/01 и “Службен весник на Република Македонија” бр.40/91 и 14/95) кој престана да важи со донесувањето на Законот за основното образование (” Службен весник на Република Македонија” бр.44/95).
4. Според членовите 23 и 24 став 2 од Законот за основното образование, со наставните програми според кои се организира и изведува воспитно образовната дејност во основното училиште се утврдуваат целите, задачите и содржините на наставните предмети, како и профилот на кадарот што ја реализира програмата по одредени предмети.
Согласно член 26 од Законот, наставните планови и програми ги подготвува Педагошкиот завод на Македонија, а по предлог на Републичкиот педагошки совет ги донесува и објавува Министерството за образование и физичка култура.
Според член 66 став 3 од Законот, наставник по предметна настава може да биде лице кое завршило соодветна еднопредметна или двопредметна група за образование на наставници на факултет, висока школа, ликовна академија, музичка академија, а по исклучок и лице кое има завршено средно балетско училиште и пет години практика во играње балет и се здобило со педагошко-психолошка и методска подготовка на соодветниот факултет и има полагано стручен испит. Ставот 4 на истиот член утврдува дека наставник по предметна настава може да биде и лице со завршена соодветна група на педагошка академија или соодветна виша школа и студии по дефектологија.
Членовите 115 и 116 од Законот утрдуваат дека сите под законски акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци по неговото влегување во сила, а до нивното донесување ќе се применуваат постојните прописи доколку не се во несогласност со овој закон.
Од наведените одредби произлегува дека законодавецот со закон го определил степенот на стру чната подготовка што треба да ја имаат наставниците по предметна настава во основното образование, односно определил дека наставник по предметна настава може да биде лице со заршена висока стручна подготовка, а може да биде и лице со завршена виша стручна подготовка, но по исклучок и лице кое има завршено средно балетско училиште и пет години практика во играње балет.
Имајќи ја предвид законската одредба дека постојните прописи доколку не се во несогласност со Законот, ќе се применуваат до донесувањето на подзаконските акти предвидени со закон, Судот утврди дека во конкретниот случај овој услов не е исполнет затоа што оспорените нормативи се во несогласност со законот и како такви тие престанале да важат според одредбите на членовите 115 и 116 од Законот и не можат да се применуваат.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д -р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.230/95, У.бр.243/95
У.бр.244/95