Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 ноември 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 114 од Законот за судовите (“Службен весник на РМ” бр.36/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Мице Ташевски од Титов Велес, Александар Тасевски и уште четиринаесет стручни соработници од Општинскиот суд II во Скопје му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на член 114 од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него се отстапувало од единствените посебни услови за судија на основен и апелационен суд, утврдени во член 43 од Законот, со тоа што се барало различно работно искуство по полагањето на правосудниот испит за лицата кои според поранешните прописи вршеле функција на судии во судовите на здружениот труд и во судовите за прекршоци. Со ваквата законска определба се ограничувале граѓанските, економските и социјалните права на граѓаните-дипломирани правници, а посебно се повредувало уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 став 1 и 2 од Уставот, правото на работа и слободниот избор на вработување, достапноста на секое работно место под еднакви услови и гаранцијата на основните права утврдена во член 54 од Уставот. Понатаму, во иницијативата се наведува дека неоправдано се фаворизирале лицата кои порано биле судии во су довите на здружениот труд и во судовите за прекршоци за сметка на лицата со богато работно искуство на правни работи во стопанството, општествените дејности, државните органи и судиите во општинските и окружните судови и во Врховниот суд, а кои го немаат потребното работно искуство по полагањето на правосудниот испит.
3. Судот на редовната и на подготвителната седница утврди дека во член 38 од Законот за судовите е предвидено дека судиите ги избира и ги разрешува Собранието на Република Македонија под услови и во постапка утврдени со закон. Во член 43 од Законот е предвидено дека за судија може да биде избран државјанин на Република Македонија кој ги исполнува општите услови определени со закон за засновање на работен однос во орган на државната управа, кој е диплимиран правник со положен правосуден испит и кој ужива углед за вршење на судиската функција.
Покрај овие услови за судија на основен суд лицето треба да има и работно искуство со потврдени резултати на правни работи по полагањето на правосудниот испит над пет години, а за судија на апелациониот суд над девет години. За судија на Врховниот суд на Република Македонија, покрај условите од став 1 лицето треба да биде истакнат правен стручњак и да има работно искуство со потврдени резултати на правни работи над 12 години.
Од изнесените законски одредби произлегува дека за сите судии во предвидените судови лицата мора да имаат покрај другото, положен правосуден испит, при што за судиите на основниот и апелациониот суд изричито е пропишано лицата да имаат и определено работно искуство по полагањето на правосудниот испит.
Во оспорениот член 114 од Законот кој се наоѓа во преодните и завршните одредби, е предвиден исклучок од член 43 од Законот, односно е предвидена можност посебниот услов од член 43 став 2, според кој за избор на судија лицето треба да има работно искуство со потврдени резултати на правни работи во определено траење, но по полагањето на правосудниот испит, не се однесува на лицата кои според поранешните прописи вршеле функција на судии на судовите на здружениот труд и судии на судовите за прекршоци, а кои до објавувањето на огласот за избор на судии го положиле правосудниот испит и ги исполнуваат општите и другите посебни услови за избор на судија определени со овој закон.
4. Според член 68 алинеја 15 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија врши избор и разрешување на судии.
Според член 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Организацијата на судовите е единствена, а видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Судијата, според член 99 од Уставот, се избира без ограничување на траењето на мандатот.
Во член 9 став 1 од Уставот, покрај другото, не е допуштено да се прави разлика меѓу граѓаните во зависност од нивната општествена положба.
Според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, а согласно член 32 став 2 секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Тргнувајќи од уставната положба на судовите како посебни, самостојни и независни органи кои судат само врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а судиите се избираат со траен мандат и кои мора да имаат посебни стручни способности за стручно и совесно вршење на судската функција, Судот смета дека право е на законодавецот кој со член 98 став 5 од Уставот е овластен да ги уреди со закон прашањата за видот, надлежноста, основањето, укинувањето, организцијата и составот на судовите, да ги утврди и посебните услови за избор на судии, а во тие рамки да предвиди и посебни услови за одредена категорија на граѓани за кои ќе оцени дека поради нивната претходна функција и ангажираност, ќе овозможат постручно и посовесно вршење на судиската функција.
Исто така, Судот смета дека право е на законодавецот на одредена категорија граѓани кои вршеле доста сложена и одговорна судиска функција според поранешните прописи кои предвидувале посебни услови различни од условите за другите судови, да им овозможи по донесувањето на новиот Закон за судовите во преодниот период под еднакви услови и натаму да ја вршат судиската функција доколку изразат таква желба, со што всушност тие се доведуваат во еднаква положба со судиите од другите судови.
Со оглед на тоа што во оспорениот член 114 од Законот се зема предвид работното искуство и стручноста на судиите од поранешните судови на здружениот труд и на судовите за прекршоци, а не се тргнува од нивната општествена положба, Судот оцени дека со тоа не се создава нееднаквост меѓу граѓаните зависно од нивната општествена положба, поради што смета дека не може да се постави прашањето за несогласноста на овој член од Законот со означените уставни одредби.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.285/95