284/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на точката 2 од Одлуката за определување на посебна давачка при увоз на пченица, бр.23-1522/1, донесена од Владата на Република Македонија на 6 јуни 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94 од 8 јуни 1994 година).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Акционерското друштво “Жито-Вардар” од Титов Велес, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало Одлуката да влезе во сила со денот на нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”, што значело дека Одлуката не била објавена пред да влезе во сила, туку во исто време со влегувањето во сила, поради што точката 2 од Одлуката не била во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Освен тоа, Одлуката се применувала од 8 јуни 1994 година иако фактички е објавена на 9 јуни 1994 година кога е експедирана до физичките и правните лица од страна на печатницата, што значело дека оспорената одредба овозможува Одлуката да има повратно дејство, поради што точкат 2 од Одлуката не била во согласност и со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека Одлуката е донесена врз основа на член 2 став 2 од Законот за посебните давачки при увоз на земјоделски и прехранбени производи (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94).
Во точка 1 од Одлуката се определува посебна давачка при увоз на пченица во износ од 5,00 денари за еден килограм.
Во оспорената точка 2 од Одлуката се предвидува дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето в о “Службен весник на Република Македонија”.
“Службениот весник” е од 8 јуни 1994 година.
4. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека пропис мора најнапред да се објави, па потоа да влезе во сила, при што со неа не се определува временски период помеѓу објавувањето и влегувањето во сила на прописот.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Одлуката се определува нејзиното влегување во сила откако ќе биде објавена, Судот утврди дека точкат 2 од Одлуката не е во несогласност со означената уставна одредба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Што се однесува, пак, до наводот од иницијативата дека оспорената одредба овозможува Одлуката да има повратно дејство, Судот оцени дека е тоа прашање на примена на Одлуката, за што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, тој не е надлежен да одлучува.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.284/95)