235/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 18 од Законот за личната карта (” Службен весник на Република Македонија” бр.8/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Васил Велковски од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 18 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се предвидувало грбот на Република Македонија да не се втиснува при издавањето на новите лични карти се до донесување на Законот за грбот на Република Македонија, што било во несогласност со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 18 од Законот, грбот на Република Македонија кој согласно со членот 5, став 1 на овој Закон е составен дел на образецот на личната карта, нема да се втиснува при издавање на новите лични карти се до донесување на законот за грбот на Република Македонија.
4. Според член 5 став 1 од Уставот на Република Македонија државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна, а според ставот 2 од овој член на Уставот, грбот, знамето и химната на Република Македонија се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со член 1 став 1 од Законот за личната карта, се утврдува дека личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството и живеалиштето на граѓанинот на Република Македонија. Според член 5 став 1 од овој закон, образецот на личната карта содржи: назив “лична карта”, натпис ” Република Македонија” со втиснат грб на Република Македонија; ознака на серијата и серискиот број и место за фотографија.
Според тоа, неспорно е дека грбот на Република Македонија е една од основните содржини на образецот на личната карта и дека обврската за негово втиснување во личната карта произлегува од Законот за личната карта.
Тргнувајќи од околноста дека со Законот за личната карта не се исклучува употребата на грбот на Република Македонија, туку напротив тој е една од основните содржини на образецот на личната карта, според мислењето на Судот, со оспорената одредба од Законот која по својот карактер е преодна и со условена временска важност, само се врши одложена употреба односно апликација на грбот на Република Македонија до неговото утврдување, односно до донесувањето на самиот закон. При таквото преодно и решение, законодавецот поаѓал од објективната состојба и се раководел од принципот на рационалност и економичност кои се во функција на релативно трајниот карактер на важењето на личната карта како јавна исправа, со која граѓанинот го докажува својот идентитет, државјанство и живеалиште. Врз основа на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Кр лески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.235/95