317/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 15 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Беќир Исени и други граѓани од Тетово му поднесоа иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 15 од Законот за основното образование, затоа што во него било предвидено Владата на Република Македонија да основа основни училишта, а не единиците на локалната самоуправа кои биле исклучително надлежни за нивното основање, што не било во согласност со член 115 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека според член 15 од Законот основното училиште како јавна установа го основа Владата на Република Македонија по прибавено мислење од единиците на локалната самоуправа.
4. Согласно член 44 став 1 од Уставот на Република Македонија секој има право на образование. Според ставовите 3 и 4 на овј член од Уставот образованието е достапно секому под еднакви услови, а основното образование е задолжително и бесплатно.
Според член 45 од Уставот граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието освен во основното образование.
Од цитираните одредби од Уставот произлегува дека во основното образование како едно од основните права на секој граѓанин од корпусот на економски, социјални и културни права кое е задолжително и бесплатно се исклучува основањето во приватни образовни институции.
Токму, поради посебниот карактер на основното образование односно поради неговиот посебен статус како јавна установа не се исклучува државата во неговото уредување.
Со оглед на тоа што законодавецот во уредувањето на односите во сферата на основното образование, определувајќи ја Владата како носител на извршната валст во рамките на спроведување на Законот за основното образование да основа основни училишта не излегол од рамките на Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека неможе да се постави прашњето за согласноста на член 15 од Законот со означените уставни одредби.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Ис љами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.317/95