311/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 93 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93 ибр.14/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Сојузот на слепите на Република Македонија – Меѓуопштинска конференција Битола и Демир Хисар, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 93 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што висината на паричниот надоместок за помош и нега на инвалидизирани лица се определувала во проценти од просечната плата остварена во Републиката во претходната година и тоа 30% за корисници на инвалидска пензија со најнизок износ и 23% за корисници на инвалидска пензија над најнискиот износ. Со оглед на тоа што потребите на корисниците на инвалидска пензија биле за сите исти се предлага висината на паричниот надоместок за двете категории на корисници да се изедначи. Понатаму, во иницијативата се бара исплаќањето на надоместокот за помош и нега да го врши Заедницата за пензиско и инвалидско осигурување, а не подрачната единица на центарот за социјална работа.
3. Судот, на седницата утврди дека според член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службебн весник на Република Македонија” бр.14/95), во главата 3 Стекнување и утврдување на правата, точката 5 и подносителот “Паричен надоместок за помош и нега”со членовите 89, 90, 81, 92 и 93 се бришат.
4. Со оглед на тоа што оспорениот член 93 од Законот престанал да важи, согласно член 28 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата поради што, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.311/95).