308/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 став 2 од Одлуката за продажба на станови на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката во делот кој гласи “становите на поранешна ЈНА” (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Мито Пејовски од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на оспорените одредби од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не било во согласност со Уставот становите на поранешната ЈНА да се исклучуваат од редовната продажба на општествените станови, со што се овозможувало војните лица по доста поповолни услови да ги купуваат становите. Со оспорената одредба од Одлуката се оневозможувало граѓаните кои добиле станарско право на воен стан преку замена со општествен стан да го откупат тој стан според критериумите по кои се продаваат општествените станови, што значи овие лица не можеле воопшто да ги купат становите ниту по прописите што важат за продажба на воените станови, ниту по прописите за продажба на општествени станови.
Исто така, со оспорената одредба од Одлуката граѓаните се доведувале во нерамноправна положба, што не било во согласност со член 9 и член 54 од Уставот, и што не било во согласност со Законот за продажба на становите во општествена сопственост, и со член 134 од Законот за одбрана.
3. Судот на седницата утврди дека по поднесена иницијатива веќе ја оценувал уставноста и законитоста на оспорената одредба од Одлуката и со Решение У.бр.176/95 од 24 мај 1995 година не повел постапка, во однос на становите за службени пореби и воените станови. При тоа Судот изразил став дека становите во општествена сопственост што се доделуваат на користење со станарско право на работниците имаат посебен статус од становите на поранешната ЈНА чии статус е уреден со посебен закон.
Исто така Судот во неколку наврати се изјаснил дека не се повредува уставното начело на еднаквост со тоа што воените станови кои се прогласени за државни се продаваат под различни услови од становите во општествена сопственост, затоа што станбениот Фонд на поранешна ЈНА беше уреден на различен начин од другиот станбен фонд во Републиката. (У.бр.222/93 оценување уставноста на Законот за продажба на становите во општествена сопственост, и У.бр.183/92 и 141/95 оценување уставноста и законитоста на Уредбата за начинот и условите за продажба на становите и деловниот фонд на ЈНА што се во државна сопственост на Република Македонија).
Со оглед на тоа што Судот ја оценувал оспорената одредба од Одлуката, а по повод на поднесената иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од с удиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.308/95