253/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 24 од Одлуката за условите и начинот на одржување на комунална хигиена на подрачјето на град Скопје, донесена од Собранието на град Скопје на 6 февруари 1986 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/86, 6/88, 9/90, 2/94 и 7/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Јавното претпријатие “Паркови и зеленило” во Скопје му поднесе иницијатива за оценување уствноста и законитоста на член 24 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа било предвидено корисникот на услугата да може да ја откаже услугата за изнесување смет само кога објектот е урнат и кога се менува корисникот на површината со што било ограничено правото на други субјекти да можат да го изнесуваат сметот и се создавала монополска положба на ЈП “Комунална хигиена”, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија и со Законот за претпријатијата.
Исто така, во иницијативат се наведува дека иако Јавното претпријатие “Паркови и зеленило” ја одржувало хигиената и го изнесувало сметот со сопствено возило од рекреативните центри “Сарј” и Езерото “Треска”, за услуга што сами ја вршеле биле задолжени да му плаќаат на ЈП “Комунална хигиена”.
3. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се утврдуваат условите и начинот на одржувањето на комуналната хигиена на подрачјето на град Скопје опфатено со урбанистичкиот план на Градот, како и правата и обврските на давателите на комуналните услуги (член 1 од Одлуката).
Во одржувањето на комуналната хигиена во Градот (член 2 став 1 од Одлуката) е опфатено чистење на јавните површини, собирање, транспортирање на сметот од индивидуалните домаќинства и организациите, изнесување на фекалии и фекални води и депонирање на сметот. Исто така, комуналната организација е задолжена за чистење на улиците, тротоарите, велосипедските патеки, плоштади, кејови, подвозници, надвозници, мостови, паркиралишта на кои не се плаќа надомест, скалите што ги поврзуваат површините за јавен сообраќај и јавните тоалети.
Чистењето на други јавни површини кои се наведени во член 2 став 2 од одлуката (автобуски станици, сајмишта, спортски терени и др.) согласно член 9 став 1 од Одлуката го вршат субјекти што управуваат со тие површини и објекти, а според став 2 на член 9 организацијата за одржување на хигиената врз основа на посебен договор со корисниците, може да го преземе одржувањето на чистотата на површините од став 1 на овој член. Според член 6 став 1 од Одлуката собирањето и изнесувањето на сметот на подрачјето на град Скопје го вршат претпријатијата што се регистрирани и опремени за вршење на таква дејност.
Во оспорениот член 24 од Одлуката е предвидено корисникот на услугите да може да ги откаже услугите за изнесување на смет кога објектот е урнат и кога се менува корисникот на површините.
4. Со член 55 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Судот смета дека со тоа што со Одлуката се предвидува собирањето и изнесувањето на сметот на подрачјето на град Скопје да го вршат покрај ЈП “Комунална хигиена” и други претпријатија што се регистрирани и опремени за вршење на таква дејност во смисла на член 24-а од Законот за претпријатијата, не се создава монополска положба на еден правен субјект во одржувањето на јавната чистота на градот како што се наведува во иницијативата. Во конкретниов случај со оспорениот член е создадена обврска за сите субјекти да ја користат услугата за собирање и изнесување на сметот што ја вршат претпријатијата регистрирани за таа дејност.
Кое претпријатие ќе ја врши дејноста за одржување на јавната чистота за корисникот на услугата е ирелевантно со оглед на карактерот на самата дејност – трајно вршење на услугите што се незаменлив услов за живот и работа на граѓаните, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 24 од Одлуката со Уставот и со Законот за претпријатијата.
Во врска со наводите во иницијативата дека врз основа на членот 24 од Одлуката Јавното претпријатие “Паркови и зеленило” иако со сопствени возила го изнесувало сметот и било задолжено да плаќа за услуга која не му била извршена е прашање за кое овој суд не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата Бахри Исљами, кој во отсуство го заменуваше претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.253/95 и У.бр.254/95).