188/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 1 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план на центарот на населба “Капиштец”.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, куќниот совет на ул.”Народен фронт” бр.21 од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била донесена во постапка предвидена со закон.Понатаму се наведува дека при изградбата на трговскиот центар “Капиштец” на ул. “Народен фронт” б.б. на КП 240 се навлегло во КП.251,10 (била срушена оградата за која имало одобрение и решение од Градскиот комитет за урбанизам) која била дадена на трајно користење и одржување. Исто така, со изградбата на противпожарен пат и скали на зелената површина би биле уништени над 40 големи дрвја и оплеменета површина, а зградата би била окружена од сите четири страни со улици.
Со оглед дека на спорната локација се изведувале градежни работи во пиширок обем, во иницијативата се бара Судот да донесе решение за привремен прекин на работите.
3. Судот, на седницата утврди дека паралелно со активностите за донесување на Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за донесување Детален урбанистички план на урбанистичката единица 22 “Капиштец” со која се определени границите во кои се предвидува индивидуално становање, било разработено решение за центарот на населбата “Капиштец” кое било доставено до Месната заедница “Невена Георгиева – Дуња”. Собранието на Месната заедница го разгледало Нацртот на Деталниот урбанистички план за центарот на населбата “Капиштец” и го прифатило во целост на седницата одржана на 16 декември 1991 година. Меѓутоа, по овој Нацрт на детален урбанистички план кој се однесувал на центарот на населбата не е одржана јавна расправа ниту, пак, има согласност од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот. Понатаму, Судот утврди дека одлука за донесување на Детален урбанистички план за центарот на населбата “Капиштец” не е донесена и дека решението за центарот на населбата ќе биде предмет на некое идно изменување и дополнување. Трговскиот центар е изграден според урбанистичкиот план од 1974 година според кој на спорниот простор е предвидена изградба на стоковна куќа со подземни гаражи.
4. Со оглед на тоа што во иницијативата се бара поведување на постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за центарот на населбата “Капиштец”, а по извршениот увид во доставената документација и обавениот разговор со претставникот на Градскиот комитет за урбанизам, комунално станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина, е очигледно дека таква одлука не е донесена Судот оцени дека согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д- р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.188/95