265/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 октомври 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на став 2 од точка “г” и за точка 3 од Одлуката за дополнување на Одлуката за документацијата и постапката за оценка на барањата за издавање на дозволи и согласности според одредбите на Законот за банки и штедилници, донесена од Советот на Народна банка на Република Македонија на 10 мај 1995 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/95).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на став 1 од точката “г” од одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување согласноста на одлуката означена во точките 1 и 2 од ова решение со Одлуката за документацијата и постапката за оценка на барањата за издавање дозволи и согласности според одредбите на Законот за банки и штедилници, донесена од Советот на Народна банка на Република Македонија на 26 мај 1994 година, и со Одлуката за оценка на усогласеноста на работењето на банките со одредбите од Законот на банките и штедилниците, донесена од Советот на Народната банка на Република Македонија на 20 декември 1994 година.
4. На Уставниот суд на Република Макдонија од Претпријатието за деловни услуги и трговија на големо и мало и увоз-извоз “Конзорти” – Скопје и Трговското претпријатие “Цекојо” ДОО експорт-импорт Скопје му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точките 1, 2 и 3 од ова решение, затоа што не била во согласност со член 18 став 1 точка 5 и член 19 став 1 точка 6 од Законот за банки и штедилници, со точка 10 глава 4 од Одлуката за документацијата и постапката за оценка на барањата за издавање дозволи и согласности според одредбите на Зконот за банки и штедилници, како и со точка 2 алинеја 2 од Одлуката за оценка на усогласеноста на работењето на банките со одредбите од Законот за банките и штедилниците, со член 52 и член 55 од Уставот, како и со член 6 од Законот за хартии од вредност, од следните причини: Советот на Народната банка не бил овластен да ја донесе оспорената одлука; Народната банка барала оспорената одлука ретроактивно да се применува и затоа што оспорената одлука влегла во сила со денот на донесувањето, а не по нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.
5. Судот на седницата утврди дека во 1993 година е донесен Законот за банките и штедилниците во кој е предвидена обврска усогласувањето на работењето на банките со одредбите на овој закон да се извршат во рок од две години по неговото влегување во сила.
Со цел да се спроведе правилно усогласувањето на работењето на банките Народната банка како овластена банка, во 1994 година донесува Одлука за документацијата и постапката за оценка на барањето за издавање дозволи и согласности според одредбите на Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94) која одлука е дополнета со оспорената одлука во 1995 година.
Со Одлуката за документацијата и постапката за оценка на барањата за издавање дозволи и согласности се прецизира содржината на документацијата која се поднесува до Народната банка на Република Македонија и постапката за добивање дозволи за основање, работа и статусни измени на банки и штедилници, дозвола за основање на филијала на странска банка и постапката за давање согласности според член 18 од Законот за банките и штедилниците, за издавање на дозвола за вршење на определени работи и за согласност за именување на директор на банка односно штедилница. Во дел 1 од одлуката се определени документите и информациите што треба да се поднесат кон барањето за дозвола за основање и работа на банка и статусни промени. Притоа, покрај другото, во точка “в” е предвидено кон барањето да се поднесат основни податоци за основачите на банката со посебен осврт врз видот и големината на капиталот што се вложува во банката, меѓусебната капитална, семејна и управувачка поврзаност на основачите, при што во натамошните одредби е утврдено која документација треба да се поднесе и тоа посебно за основачи-правни лица и за основачи-физички лица.
Со оспорената одлука за дополнување на горе означената одлука, после точка “в” се дава нова точка “г” во која е предвидено одредбите од точката “в” кои се однесуваат на основни податоци за основачите на банката да се поднесуваат и при секоја сопственичка промена на структурата на основачкиот влог и стекнување на акции со право на управување со банката повеќе од 5% од вкупниот основачки влог. За промената во сопственичката структура на акциите со право на управување во смисла на претходниот став неопходна е претходна согласност од Народна банка.
6. Според член 60 од Уставот на Република Македонија Народната банка на Република Македонија е емисиона банка и е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањето во Републиката и кон странство.
Организацијата и работата на Народната банка, според член 60 став 3 од Уставот, се уредуваат со закон.
Во Законот за Народната банка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 26/92) е уредена организацијата и работата на Народната банка.
Како основни функции на Народната банка со Законот, покрај другите, се предвидени регулирање на количеството на пари во оптек, одржување на ликвидноста на банките и другите финансиски организации, одржување на ликвидноста во плаќањата спрема странство, издавање на книжни и ковани пари. Исто така со Законот се утврдени и посебни овластувања на Народната банка и посебни работи на контролата. Во овластувањата на Народната банка и посебни работи на контролата. Во рамките на овие посебни овластувања Народната банка со член 56 од Законот, кој е еден од основите за донесување на оспорената одлука, е овластена да оценува дали се исполнети условите за основање на банка или штедилница пропишани со закон и издава дозвола за нивно основање односно работење. Народната банка го контролира исполнувањето на пропишаните услови за работење и работењето на банката и другата финансиска организација и презема мерки за отстранување на утврдените неправилности.
Од изнесените законски одредби произлегува дека Народната банка е овластена да издава дозвола за основање и за работа на банка или штедилница, како и да води контрола по основањето на банката дали се исполнети пропишаните услови за работа, како и да води контрола за нејзиното работење, и врз основа на таа контрола да презема соодветни мерки за утврдување на утврдените неправилности.
Во член 57 од Законот се утврдени и активностите и мерките на Народната банка што ги презема врз основа на наодот од контролата од член 56 од Законот.
Во член 70 од Законот се утврдени надлежностите на советот на Народната банка, како орган на банката, при што во точка 25, (кој е еден од основите за донесување на оспорената одлука) е предвидено Советот да одлучува за издавање и повлекување на дозвола за основање на банката.
Во Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93) се уредува основањето и работењето на банките. Во член 15 став 1 од овој Закон е предвидено дека барање за издавање дозвола за основање и работа и статусни промени на банка се поднесува до Народната банка, при што барањето, покрај другото, треба да ја содржи и документацијата врз основа на која е можно да се утврди дека банката кадровски, технички и организациски е способна да ги врши работите предвидени со актот за основање на банката (точка 10) и друга документација што ќе ја определи Народната банка (точка 11). По ова барање според став 4 на член 15 од Законот одлучува гувернерот на Народната банка со решение во рок од 60 дена.
Во член 18 од Законот за банките и штедилниците е предвидено гувернерот на Народната банка да дава согласност, покрај другото, и за стекнување на повеќе од 25% од акциите со право на управување со банка на поединечен основач односно акционер на банка, а според член 19 банката е должна да ја извести Народната банка и за стекнување на повеќе од 20% од акциите со право на управување со банката на поединечен основач, односно акционер на банка.
Со оглед на тоа што во став 2 од точка “г” од оспорената одлука во кој е предвидено за секоја промена во сопственичката структура на акциите со право на управување со банката повеќе од 5% од основачкиот влог да се бара претходна согласност од Народната банка, пред Судот се постави прашањето дали тој е во согласност со означените законски одредби, посебно со членовите 18 и 19 од Законот за банките и штедилниците, во кои согласност од гувернерот на Народната банка се бара за стекнување на повеќе од 25% од акциите со право на управување, а за повеќе од 20% само се известува Народната банка.
Исто така, пред Судот се постави прашањето дали со предвидувањето на оваа дополнителна согласност која излегува надвор од рамките на Законот не се ограничува слободата на пазарот на хартиите од вредност надвор од условите утврдени со Законот за хартиите од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/93).
7. Исто така, Судот утврди дека од изнесените законски одредби произлегува дека Народната банка односно Советот на Народната банка е овластен, покрај другото, да ја определи и документацијата која треба да ја содржи барањето за основање и работа на банката.
Со оглед на тоа што Народната банка се грижи за ликвидноста на банките, Судот смета дека за таа цел може да пропише поднесување на соодветна документација за капиталот што се вложува во банката, а тие документи да се бараат и при секоја сопственичка промена на структурата на основачкиот влог и стекнувањето на акции со право на управување со цел да се утврди дали таа промена ќе влијае на ликвидноста на банката односно ќе овозможи натамошна ликвидност во работата на банката.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на ставот 1 на точка “г” од оспорената одлука, во кој е утврдена обврска документацијата за основните податоци за основачите на банките да се поднесува при секоја сопственичка промена.
8. Понатаму, пред Судот се постави прашањето за согласноста на точка 3 од Одлуката со член 52 од Уставот, во кој е предвидено законите и другите прописи да се објавуваат пред да влезат во сила во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, затоа што во оваа точка од Одлуката е предвидено таа да влезе во сила со денот на донесувањето, што значи пред нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”. Со тоа што оспорената одлука влегла во сила и се применувала од нејзиното донесување Судот оцени дека со тоа таа добила и повратно дејство, што не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот, во кој е предвидено законите и другите прописи да не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
9. Во однос на наводите од иницијативата дека оспорената одлука не е во согласност со одлуките на Народната банка на Република Македонија означени во точка 3 од ова решение, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за ова прашање.
10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.265/95)