206/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 20 септември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 24 став 3 од Одлуката за канализација на подрачјето на град Битола, донесена од Собранието на Општина Битола на 12 декември 1977 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Гого Видимче и 30 други подносители од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 24 став 3 од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа граѓаните кои живеат во индивидуални станбени згради плаќаат надоместок за канализација како и граѓаните кои живеат во колективни станбени згради иако одредена количина на потрошена вода не завршува во канализација, со што се нарушува уставното начело на еднаквост, уставното начело на еднаква правна положба на субјектите, на пазарот и начелото на еднаква вредност на взаемните давања.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се регулираат услови за изградба, одржување, реконструкција и користење на градската канализациона мрежа и објекти на неа.
Во член 24 од Одлуката е утврдено дека за користење на уличната канализација се плаќа надоместок.
Надоместокот е утврден со тарифа која ја донесува Управата за изградба и одржување на комунални објекти – Битола во согласност со Собранието на Општина Битола.
Во оспорениот став 3 е утврдено дека надоместокот се плаќа според количеството на потрошена вода односно по член на домаќинството при непостоење на водомер.
5. Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото а според став 2 на истиот член на Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и превзема мерки против монополската положба и монополското однесување.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото убедување имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 15 од Законот за облигационите односи во засновањето на двостграните договорни односи, учесниците поаѓаат од начелото на еднаква вредност на взаемните давања.
Од изнесената одредба на член 9 од Уставот, произлегува дека со неа се забранува и се исклучува секаква привилегија и облик на повластување од секој вид и по било кој основ, односно се забранува воспоставувањето на основни елементи на било какви разлики меѓу луѓето.
Од друга страна, пак, со принципот на еднаква правна положба на субјектите на пазарот се забранува за ист вид субјекти на пазарот за ист правен однос да им се даваат различни по вид и обем права и обврски.
Со оглед на тоа што во член 24 став 3 од оспорената одлука не се прави разлика дали корисниците на комуналните услуги односно корисниците на улична канализација живеат во индивидуални или колективни станбени згради, туку како единствен критериум за утврдување на надоместокот е потрошената количина на вода, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените уставни одредби и со член 15 од Законот за облигациони односи.
5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими
д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.206/95).