Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 септември 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за лпреиспитување на Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.208/94 од 8 март 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Градскиот одбор на Здружението на воени пензионери на Република Македонија од Скопје, му поднесе иницијатива за преиспитување на Решението на Уставниот суд У.бр.208/94 од 8 март 1995 година, со кое Судот ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на Владата на Република Македонијаза начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија.Во иницијативата се наведува дека членот 2 од Одлуката утврдувал дека се презема исплатата на воените пензии остварени според Законот за воените осигуреници додека во членот 3 се одредувала стартна основа по други критериуми, а не врз основа на Законот како што обврзувал членот 2. Со Одлуката на Владата, воените осигуреници биле доведени во нееднаква положба со останатите пензионери во Републиката. Оваа Одлука која била донесена како привремена мерка, и по донесувањето на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, служел а како извор на пресметување на стартната основа за воените пензии, иако истата престанала да важи.
3. Судот на седницата утврди дека на 8 март 1995 година со решение У.бр.208/94 ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 3 од Одлуката за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија, поради тоа што на 13 октомври 1994 година Судот ја оценувал во целина оспорената одлука на Владата на Република Македонија вклучувајќи го и членот 3 и со решение У.бр.51/94 не повел постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.
4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека за истата работа веќе одлучувал, а со оглед дека во неа нема нови елементи кои би биле основа за поинакво одлучување врз основа на член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Су дот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.266/95
13 септември 1995 година
С к о п ј е ,
ли.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Јован Проевски